Во музејот на дијаспората

 

… Од списите за “Израел – ветената библиска земја”.

Зборот дијаспора е од елинско потекло и значи „расфрлено семе“ и означува припадник на еден народ кој живее одвоено од матичната земја. Од крајот на I век од нашата ера зборот дијаспора е посебно поврзан со Евреите кога после неуспешното востание против Римјаните, десетици илјади Евреи биле прогонети

Со текот на времето, значењето на овој збор се однесува на народи кои обично насилно ја напуштиле својата татковина и  живеат во друга земја. Тоа се однесува на луѓе кои се расфрлани низ светот и го посеале семето на друго место во нова средина. Македонците од етничка Македонија  имаат слична судбона како на Евреите.

Така, расфрлани низ целиот свет луѓето создаваат нови домови, добиваат нови знаења, учат нови јазици, обичаи, стекнуваат нови навики, воспитание, образование и се шират корените на семејството во новата средина. Длабоките корени се таму каде што човекот се обврзува да биде почитувач на земјата каде што живее. Затоа, денес се вели дека каде е животот, таму е татковината.

Често се вели дека да се ​​биде во дијаспората, тоа не значи да се живее во нова татковина. Меѓутоа, факт е дека новата средина за човекот е пресвртница во градењето на новиот живот. Дијаспората бара личноста да се приспособи на новиот начин на живеење; таа имплицира промени во човекот, работата и воопшто во животот. Дојденецот се соочува со тежок пат при интегрирањето за подобро живеење, а интеграцијата вклучува долг процес на кој тешко може да му се најде крајот.

Терминот „eврејската дијаспора или прогонство – егзил“ се однесува на дисперзија на Израелците, Јудахитиде, а подоцна Евреи од она што се смета татковината на нивните предци (земјата на Израел) и заедниците изградени од нив во целиот свет. “Во однос на хебрејската Библија, терминот „егзил” ја означува посветеноста на Израелците кои биле прогонети од Кралството на Израел во текот на VIII век пр.н.е., и од Јудејското Царство од Кралството на Јуда и кои биле одведени во егзил во текот на VI век п.н.е.

bibliz2

Дел од Музејот за дијаспората

Првиот егзил бил асирскиот прогон, протерувањето од Кралството Израел (Самарија) во 733 година пр.н.е. и неговото завршување со уништувањето на кралството во 722 година пр.н.е., по завршувањето на тригодишната опсада што започнала во Самарија.

Прогонството продолжило кај еден дел од населението на Јудејското Царство во 597 година пр.н.е. со прогонување во Вавилон. Тој егзил во Вавилон завршил по 70 години со декларација дека на протераните Евреи ќе им биде дозволено да се вратат во Ерусалим.

По опсадата на Ерусалим, пак,  во 63 година пр.н.е., Хасмонеанското Кралство станалo протекторат на Рим, а потоа во VI век било организиранo како римска провинција Јудеја. Евреите се побуниле против Римската Империја во 66 година од н.е. во периодот познат како Прва еврејско-римска војна која кулминирала со уништувањето на Ерусалим во 70 година од н.е.. За време на опсадата, Римјаните го уништиле Вториот храм и поголемиот дел од Ерусалим. Овој настан го означил почетокот на римскиот егзил, наречен Едомски егзил, притоа еврејските верски водачи и високодостојниците биле прогонети, убиени или продадени како робови.

Како и сите приморски градови во светот, така и Тел Авив има голем број кул­тур­но–историски споменици, туристички атракции, ноќни клубови и сé она што го пра­ви привлечен еден медитерански центар. Меѓутоа, Тел Авив се разликува од други­те приморски градови по тоа што во него е лоциран најголемиот музеј во светот што го­вори за дијаспората на еден народ. Затоа, често се вели дека ќе биде голема загуба за дојденецот, туристот, намерникот или Евреинот да биде во Тел Авив, па дури и на кое било друго место во Израел, а да не го посети Музејот за дијаспората или како што Израелците го викаат „Бет Хатефутсот“ (Beth Hatefutsoth), или Музеј за еврејската дија­спо­ра „Нахум Голдман“ (Nahum Goldmann).

Овој музеј ја отсликува и презентира историјата на еврејскиот народ од времето кога тие биле истерани од земјата Израел, пред 2. 500 години, до денешни дни. Музејот за дијаспората го презентира вистинскиот и единствен историски развој на еврејскиот на­род континуирано во целиот период на постоењето. Преку прикажување на култур­нио­т, националниот, образовниот, семејниот, религиозниот и друг напредок, преку на­по­рите и настојувањата кон поубава иднина се сака да се стекне, да се придобие, од­носно да се трасира еден широк двонасочен пат на личната и многувековна историска карта на идентификацијата на еврејскиот народ.

Со ваквиот пристап на прикажување на вистината, на трагедијата и на судбината на тој, во многу периоди измачен народ, се смета дека новите генерации, можеби преку сето ова ќе си го најдат својот клуч за ид­нината. Тоа ќе прозвучи како изреката на Аба Ковнер (Abba Kovner), мислител, бо­рец и основоположник на Музејот на дијаспората кој рекол: „да се помни минатото, да се живее за сегашноста и да се верува во иднината“. Затоа овој Музеј е место за мла­ди и стари, за религиозни и за секуларни, за Израелци и туѓинци, за туристи и за дој­денци, за цивили и за војници.

bibliz3

Идејата за формирање на Музејот за дијаспората датира од педесеттите години, кога доктор Нахум Голдман, основоположникот и претседател на Светскиот еврејски конгрес и на Светската ционистичка федерација како и голем број други видни угледни Евреи во светот, предложиле да се направи споменик за еврејската дијаспора кој ќе го от­­сликува во минатото и сегашноста.

Идејата беше Музејот да се подели на шест те­мат­ски одделенија. Така и се направи, и во мај 1978 година, овој Музеј ги отвори ши­рум вратите за сите посетители од Израел и од светот. Притоа, многу музејски стручња­ци го окарактеризираа како еден од најважните Музеји во светот. А, денес оваа куќа за дијаспората не е само музеј, туку тоа е судир и допир на животот на Евреите од 120 зем­ји ширум светот, во кој е презентирана вистината за историскиот развој и судбина­та на еврејскиот народ, без разлика дали се Ашкенази – Евреи со европско потекло, или Сефарди – со ориентално потекло.

Ние го посетивме музејот заедно со водичот Берта Зекиќ, а со господинот Марк Курц (Marc Kurz) разменивме мислења, искуства и пораки кои веруваме ќе бидат ко­рис­ни како за еврејската така и за македонската дијаспора. Притоа, за библиотеката на му­зејот, на господинот Марк Курц му подаривме одреден број книги, меѓу кои: „Маке­дон­ски везови“, „Македонската православна црква“, „Монографија за Атанас Близнаков“, „Македонскиот иселенички печат“, „Библискиот речник на македонски јазик“ и друга ли­те­ратура за македонскиот народ во дијаспората и Македонија од Славе Николовски-Катин.

Музејот за дијаспората е единствен и по илјадници детали карактеристична културна и национална установа на Израел, која ги отсликува и ги презентира раселе­ни­те Евреи во светот. Примерот на овој Музеј беше прифатен и во одредена смисла при­менет и во Република Македонија, кога во август 2000 година, во рамките на Му­зејот на Македонија беше отворена изложбата  „Иселеништвото од Македонија“. Со сета своја скромност и материјални можности оваа изложба имаше порака дека тре­ба во иднина да се иницираат и поттикнат Македонците во дијаспората, да се орга­ни­зираат, да се приближат, да почувствуваат заедништво и братска љубов меѓу нив, слично како на примерот на Евреите ширум светот.

Продолжува

New Katin

Пишува: СЛАВЕ КАТИН

3 thoughts on “Во музејот на дијаспората

  1. Wow, marvelous weblog structure! How lengthy have you ever been running a blog for?
    you make blogging look easy. The whole look of your website is magnificent, as well as the content material!
    You can see similar here ecommerce

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *