Павлопулос бара промена на Уставот и отстранување на иредентизмот за членство во НАТО и ЕУ

 Соседната земја да направи промени што не оставаат простор за иредентизам во името, но и промени во Уставот за да се отвори патот кон НАТО и ЕУ, порача грчкиот претседател Прокопис Павлопулос за време на средбата со претседателот на Израел, Реувен Ривлин кој е во дводневна официјална посета на Грција.

Павлопулос го извести неговиот израелски колега, јавува дописникот на МИА од Атина, за позициите на Грција во т.н. грчки национални прашања: кипарскиот проблем, односите со Турција, Албанија и Македонија.

Во однос на Македонија, рече дека Атина подржува европска перспективна, но и интеграција во НАТО, но „за ова предуслов е употреба на име кое не остава иредентизам, бидејќи иредентизмот е спротивен не само на меѓународното право туку главно на европското законодавство “.

– Ако оваа земја сака да има пристап во НАТО и во Европската Унија, ќе треба да ги донесе сите оние промени што не оставаат никаков простор за иредентизам во нејзиното име. Кога велиме промени, мислиме во главно на промените што се однесуваат на нејзиниот правен поредок, на нејзиниот Устав. Кога ќе ги донесе овие промени , тогаш се отвора патот кон ЕУ и кон НАТО. Но, кога не постојат такви практични потези, туку постојат знаци на иредентизам на кој инсистира соседната земја, тогаш, ова го потенцирам, поради меѓународното право и европското законодавство, невозможно е да биде примена ниту во НАТО ниту во Европската Унија, рече грчкиот претседател на почетокот од средбата со неговиот израелски колега.

Оваа изјава на Прокопис Павлопулос, доаѓа на само еден ден пред разговорите што медијаторот Метју Нимиц ќе ги има во Атина.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *