Познати добитниците на најпрестижните општински награди во Прилеп

Прилепчанецот Ѓорѓи Гешоски, долгогодишен активен тренер и спортски работник е добитник на наградата за животно дело „Златна плакета“  што ја доделува градот Прилеп по повод „3 Ноември“, Денот на ослободувањето. Гешоски е добитник на најпрестижната општинска награда за достигнувања и афирмација на атлетиката и за развојот на спортот.

Комисијата за одбележување празници, манифестации и за доделување награди и признанија при општинскиот Совет денска ги соопшти и петте добитници на награди-плакети за едногодишни достигнувања во развојот на општината во повеќе области и деветте добитници на Третоноемвриските награди – дипломи на истакнати поединци.

Награди – плакети по повод „3 Ноември“ добија: компанијата „Бимфуд“ за придонес и афирмација на стопанството во земјава и регионот, фирмата „Изофас“ за придонес од областа на градежништвото и градежното инженерство,  Театар „Чин 4 Сцена 5“ за развојот на театарската уметност, „Клубот на литературни творци“ за достигнувања од областа на литературно творештво и  Џудо клубот „Пролетер“ за резултати постигнати во спортот.

Третоноемвриски награди – дипломи Прилеп им доделува: постхумно на Александар Дворчанец – Сале за достигнувања и афирмација на блуз-музиката во земјава и во регионот, на Злате Шуплиноски од областа на медицината, на Гордана Цветаноска, новинар и основач на единственото рурално радио „Радио Пела“ за достигнувања од областа на новинарството, на Сашо Јандрески за млад иноватор во медицината, на Озган Сулејманоски за достигнувања од областа на музиката, на Драгослав Миноски за резултати во образованието, на Билјана Јурукоски за достигнувања во фотографијата и за афирмацијата на Прилеп, Борјан Јованоски за достигнувања и афирмација од областа на спортот и на Филип Димкоски за афирмација на македонскиот јазик и на образованието.

Од комисијата информираат дека имало 30 пријавени за добивање на Третоноемвриските награди, но се определиле за 15 иако сите ги заслужуваат на свој начин. Ова, како што велат, е за да не се девалвира најголемата општинска награда.

Признанијата на добитниците ќе им бидат врачени на свечената седница в недела, на 3 ноември, од 19 часот во приелпскиот дом на културата „Марко Цепенков“ кога Прилеп ќе одбележи 75 години од ослободувањето на градот во НОБ и Револуцијата од фашистичкиот окупатор.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *