Вита Блаже Која: Македонски книги напишани со кирилско и албанско писмо

Вита Блаже Која е родена во селото Ѓинеец, Голо Брдо, соседна Албанија, а живее во Тирана. Вита Б. Која престојуваше во Општина Новаци на традиционалната манифестација „Пелагонски културно-научни средби“, на која ѝ беше врачена наградата „Златен клас за македонски вознес“. Во образложението за доделеното признание, меѓу другото, се посочува дека тоа е награда за афирмацијата на македонскиот јазик и култура надвор од државните граници.

Вита Блаже Која денес работи како универзитетски професор на Економскиот факултет во Тирана и, како што вели, не пропушта ниту еден момент за да истражува и да пишува за македонската култура, обичаи и традиции.

– Сите наши книги се напишани и објавени на македонски јазик со кирилско и латинично писмо. Велам сите наши книги, затоа што материјалот го собиравме и го пишувавме со Митре Стојан Шутку, како и со Цветан Зафир Мазнику, кој, за жал, пред неколку години почина. Сè е напишано и објавено на македонски јазик со кирилско писмо, на втората половина од книгите истите творби се напишани на македонски јазик, но со албанско писмо, а има и комбинирани народни поговорки и пословици што се напишани на македонски јазик со кирилско писмо и преведени на албански јазик со албанско писмо, со што секој читател сè ќе разбере и прочита бидејќи може да избира. Овој пристап е за Македонците од Голо Брдо и не само оттаму, да може да ги читаат книгите бидејќи во Албанија има многу луѓе на различна возраст што не го учеле кирилското писмо, но зборуваат на македонски јазик. Ние веруваме дека објавувањето книги на двата јазика, македонски и албански, ќе послужи за зајакнување на врските и пријателството меѓу двата народа и за сестрана меѓусебна соработка, вели Која.

Цветан Мазнику, Митре Шутку и Вита Која имаат издадено осум книги – томови посветени на народното творештво од областа Голо Брдо. Во над 1.500 страници, тројцата пишуваат за „Македонско-албански пословични паралели“, „Народни песни“, „Пословици, поговорки, пословични и фразеолошки изрази“, „Народни пословици и поговорки“ и други.

– Книгите ги пишувавме слично на тоа што го прават пчелите, тие одат од цвет на цвет и прават мед, а ние одевме од човек до човек, од куќа до куќа, од село во село, и собиравме народни песни, поговорки, пословици, приказни и сказни. Богато е нашето македонско народно творештво и со него треба секој да се запознае, а помладите да не го забораваат фолклорот од Голо Брдо. Најголем дел фолклорни бисери се од нашето родно место, собравме повеќе од 3.500 пословици и поговорки, а свесни сме дека има уште. Материјалот е систематизиран по азбучен ред и напишан на двете азбуки, на латиница и кирилица или со кирилско писмо. Голем е бројот на луѓето што ги контактиравме и прашувавме, на пример за книгата „Голобордски фолклор“ – 4 („Gollobordski Follkllor”), наш важен извор за собирање бисери ни беа Сава Митре Цфарку, Исаил Мазнику, Божана Забитку, Тасе Никола, Славка Будини, Цвета Фиљоќи, Авдула Сефери, Бранко Попа и многу други што се посочени во предговорот на книгата.

Наградата „Златен клас за македонски вознес“ на годинашните „Пелагонски културно-научни средби“ што се одржаа во Општина Новаци за Вита Блаже Која значи признание за вложениот труд, почит кон неодамна починатиот Цветан Мазнику, како предводник и мотиватор, и обврска заедно со Митре Шутку да се продолжи со собирање и чување на македонското народно творештво во Голо Брдо, Албанија.

Книжевниот критичар Фидан Марку во седмиот том на нивното дело пишува – авторите се со посветеност, упорност и почит на мајчиниот македонски дијалект што се зборува во Голо Брдо и пошироко во Дримкол. В раце имаме непроценливо богат фолклор. Во поговорките се генерализира материјалниот и духовниот живот, се извлекуваат заклучоци и мисли за разни аспекти, прашања и проблеми, кои се појавиле во текот на работата и животот со векови, нагласува Марку.

– Престојот во Новаци и наградата „Златен клас за македонски вознес“ кај мене предизвика голема возбуда. Во очите на моите пријатели забележав радост, среќа и задоволство, кое заеднички го споделивме. Тоа што го работиме го правиме од сè срце и со постојано сеќавање на реченицата на баба Миланица, која во една пригода ни рече: „Не ми е жаљ шчо ќа умра, ток ми е жаљ за песмите, кој ќа и пеет“, и затоа ќе продолжиме да собираме песни и ќе ги печатиме. Нема да престанеме со нашата работа на собирање и објавување на овие бисери, кои со векови нашиот народ ги чува во своето сорце и им ги пренесува на генерациите од колено на колено, вели Која, и додава дека во ситуација кога иселувањето зема голем замав и скоро не може да се спречи, тогаш барем секој нека земе книга в рака, за да чита и да не заборава на родната грутка.Универзитетската професорка Вита Блаже Која е и активистка на Здружението МИР на Македонците од Голо Брдо и има голем придонес во организирањето разни културни манифестации со цел зачувување на културата, обичаите и традициите на Македонците од Голо Брдо, Албанија.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *