Младите се инертни, но преку проектот Младите-клуч за иднината на бизнис секторот“ се обидуваме што повеќе да ги анимираме и со отворање на „Инфо точка“ и преку формирање на база на податоци полесно да доаѓаат до обуки, како и до вработување, истакна Миле Ѓеоргиев проектен координатор.
Додаде дека младите се недоволни заинтересирани, а од друга страна претставниците на бизнис секторот имаат други барања од нив како што е преквалификација.
Според Тони Костов, од компанијата „Ривер софт“, во моментот побарувачката за работна сила е поголема во споредба со понудата.
-Идејата со овој форум е токму да ги приближиме младите до бизнисмените и обратно. Сега е момент кога треба да сфатиме дека работната сила треба се повеќе да се вреднува и истата да биде платена соодветно, но од друга страна младите треба да сфатат дека треба да понудат поквалитетни услуги и да го одработат месецот за на крај да може работодавецот да им исплати месечна плата, смета Костов.
Младиот Влатко Цветковски смета дека последните години полесно се доаѓа до работа, но квалификациите што ги бараат компаниите тешко се исполнуваат. На тоа го додава и недостигот на работно искуство, немањето самодоверба, како и недостиг на специфични вештини за конкретни работни позиции и комуникациски вештини.
Проектот е во насока на подобрување на положбата на пазарот на трудот на младите невработени лица и лица кои се дел од маргинализирани групи, првично преку детерминирање на компетитивните предности со кои што тие лица располагаат, а го спроведува Центар на заедницата на општина Струмица во партнерство со Струмичката бизнис заедница. Истиот се спроведува во рамките на „Регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан-ReLOaD“, која е финансирана од Европската унија, а ја спроведува Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП).
На настанот присуствуваа претставници од бизнис заедницата на Струмица, млади невработени лица, претставници на општинските органи, претставници на средните училишта, претставници на граѓански организации и граѓани.