Првиот чекор направен, се чека доаѓањето на Нимиц

Средбата на премиерите на Грција и на Македонија, Алексис Ципрас и Зоран Заев во Давос, ден по незиното одржување, продолжува да доминира во грчките медиуми.

Првичните реакции во медиумите кај јужниот сосед за разговорите во Давос, јавува дописникот на МИА од Атина, се дека средбата поминала во позитивна клима, а иста е оценката и на грчки владини извори за грчките новинари.

„Подготвени да го пресечат Гордиевиот јазол“ е насловот на текстот во „Етнос“, со коментар дека разговорите биле во многу добра клима, а како главни точки весникот на насловната страница ги одбира, барањето на Ципрас за пакет решение и одлуката за преименување на автопатот и аеродромот.

Весникот „Катимерини“ коментира дека Атина на маса го поставила прашањето со иредентизмот, додека пак за Скопје е тешко да се направат уставни промени.

– На вчерашната средба, двајцата премиери ги презентираа нивните основни црвени линии и одредени потези што ќе придонесат за градење клима на доверба, пишува „Катимерини“.

За позитивната клима, јавува дописникот на МИА од Атина, пишува и интернет страницата на грчката државна телевизија ТВ „ЕРТ“.

Aлтернативниот министер за надворешни работи на Грција, Јоргос Катругалос оцени дека со преименувањата се прави првиот чекор, односно во пракса се применуваат изјавите за добра намера и волја за справување со иредентизмот. Како што пренесува дописникот на МИА од Атина, Катругалос вчера на брифинг со новинарите, меѓу другото, рече дека радикалните гласови и од двете страни не сакаат решение, но потребно е да се најде решение кое ќе биде во корист и интерес и на Скопје и на Атина.

– Она што сакавме од другата страна, беше потврда на нејзините намери да премине кон суштински разговори. Односно, во пракса да ги примени изјавите за добри намери во справување со иредентизмот. Се направи првиот чекор, не и последен, кажа Катругалос, пренесува МИА.

Со осум гласа „против“ и три „за“, Општинскиот совет на Атина го отфрли барањето на пратеникот на Златна зора Илијас Касидијарис за издавање резолуција за поддршка на протестот во Атина.

Според грчката новинска агенција, АПЕ-МПЕ, јавува дописникот на МИА од Атина, атинскиот градоначалник Јоргос Каминис, предложил барањето да се отфрли со објаснување дека референдумите и резолуциите го делат народот и шират омраза.

– Секој, кој поставува теми за референдуми и резолуции за името, единствено нешто што сака да постигне е да го подели грчкиот народ. Ја зајакнува омразата. Одговорна за управување со ова прашање е официјалната грчка Влада, имајќи ја наспроти неа демократската опозиција. Денес потребна е трезвеност и смиреност, рекол атинскиот градоначалник.

Во Македонија опозициската ВМРО-ДПМНЕ во соопштение до медиумите, ја поздрави средбата меѓу премиерите на Република Македонија и Република Грција, Заев и Ципрас, оценувајќи дека директните контакти на двајцата премиери може да придонесат за продлабочување на односите и градење на позитивна клима меѓу двете земји, со задршка дека немаат никаква информација за процесот на преговори. 

Наредната недела во Атина и Скопје се очекува да дојде медијаторот на ОН Метју Нимиц, а утре за неговите предлози изнесени на последната преговарачка рунда во Њујорк ќе разговара македомскиот државен и политички врв.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *