Средношколци од Куманово учеа за НАТО

Средношколци од Куманово денеска учеа за НАТО во рамки на проектот „Нато караван“ кој го спроведува Инфо центарот за евроатлантски интеграции, граѓанската организација „Мост“ со поддршка на одделот за јавна дипломатија на НАТО, британската, холандската амабасада и Министерството за надворешни работи.
На дискусијата која се одржа во занаетчискиот дом, средношколците од завршните години се информираа за НАТО. Целта на НАТО караванот, појаснија организаторите е да се поттикне аргументирана дебата за придобивките како и потенцијалните ризици и предизвици од зачленувањето на Република Северна Македонија во НАТО и да се подигне свеста кај младите за придобивките од членството во НАТО, на економски, политички и безбедносен план.

-Во повеќе градови вклучително и во Куманово е предвидено да има дискусија со средношколци и панел дискусија со граѓаните за придобивките од зачленувањето во НАТО. Конкретно, со денешната дискусија со средношколци целта е да се подигне свеста и знаењето кај младите за приодобивките од НАТО, и што е тоа што не очекува во наредниот период и наместо да бидат жртви на лажни вести да се информираат директно на дебата, изјави, координаторот на проектот, Елмас Хасановиќ.

Искуствата од  претходните две одржани дискусии покажуваат дека средношколците имаат одредени, но не и доволни познавања за НАТО. Генерално, средношколците  имаат одредени прашања и површни знења во  однос на тоа како функционира НАТО, кои се придобивките за младите и што е тоа, што тие можат да го очекуваат како идна земја членка на НАТО.

-Можеби тоа се должи на фактот што сосема малку внимание се посветува на меѓународните организации во средното образование како дел од нивниот курикулум за учење, така што целта е да се потполни овој вакум односно празнина од информации каде што ние со дискусија и разговор со средношколците ќе можеме да одговориме на сите тие прашања кои ги мачат, а немаат можност на друг начин да ги адресираат-вели Хасанoвиќ.

НАТО караванот вклучува дискусии во шест градови, а досега поминал во Велес, Штип, вечерва караванот е  во Куманово, во наредниот период ќе следуваат Струмица, Прилеп, Битола, а завршниот настан е предвиден да се одржи во Скопје.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *