Ципрас и Заев го одблокираа евроинтегративниот процес (ДПЛ)

Македонија и Грција ќе го зголемат нивото на преговарачкиот процес за решавање на името. Во натамошниот процес ќе учествуваат министрите за надворешни работи на двете земји, под покровителство на Обединетите нации.

Ова го најави вечерва премиерот Зоран Заев по првата директна средба со неговиот грчки колега Алексис Ципрас, која траеше речиси три часа.

Заев обелодени дека на средбата била изразена и добрата волја и подготвеноста на Македонија да покаже дека навистина има подготвеност за решавање на спорот. Во таа насока, како што посочи премиерот, Владата ќе ги преименува аеродромот и автопатот. Додаде дека отсега автопатот ќе се вика „Пријателство“ .

– Македонија ќе остане посветена во процесот во изнаоѓање на решение за името, а тоа мора да биде во насока на заштита на националниот идентитет и идентитетот на нашите народи. Владата ќе го промени името на аеродромот и автопатот. Автопатот ќе се вика „Пријателство“.

– Ова е доказ за фактот дека немаме теориторијални аспирации кон нашиот сосед. Од друга страна тие ја покажаа нивната добра волја да ни овозможат да ја зголемиме нашата соработка со Европската унијата и другите меѓународни институциии, рече Заев.

Додаде дека мнозинството граѓани на двете земји сакаат да имаат блиски и пријателски односи, кои ќе придонесат за зајакнување на меѓусебната соработка.

– Сакаме да станеме еднакви партнери во ЕУ и лојални партнери во НАТО. Сакаме да стоиме рамо до рамо за да си помагаме меѓусебно да се поддржуваме во тешки и предизвикувачки моменти. Покажавме во минатото кога двете земји иимаат сериозни предизвици дека можеме да работиме заедно за меѓусебен интерес, нагласи Заев

Сложено ерга омнес име и справување со иредентизмот во сите облици, побара Ципрас од Заев на денешната средба во Давос.

Грчкиот премиер во изјавата по маратонските разговори со неговиот македонски колега повтори дека за евро-атлантска перспектива на Македонија потребно е прво да се затвори проблемот со името и тоа во целост.

– За да оди напред европскиот интегративен процес и интеграција во НАТО, како што посакува соседната земја, треба да најдеме решение во целост, за отворените прашања. Особено јасно ставив до знаење дека треба да се договориме за заемно прифатено сложено име што ќе важи за сите. И во оваа рамка разменивме идеи и се договоривме да ги интензивираме под наш надзор, консултациите што веќе се водат во рамките на ОН, рече грчкиот премиер Ципрас.

На сите оние што од двете земји ја следат средбата во Давос, некои со агонија и скептицизам, други со искрена надеж и порача дека и двајцата премиери имаат желба да се справат со постоечките разлики со реализам и чувство на одговорност.

– Не сакаме само да го решиме проблемот со името туку сакаме односите на двете наши земји да ги поставиме на цврсти темели, темели на меѓусебно почитување и добрососедство. Што значи дека прво треба да се справиме со иредентизмот во сите негови облици и секако со гаранции дека нема да оставиме никаков отворен прозорец за одново да се создадат слични провокации во иднина, рече грчкиот премиер.

На средбата, како што дознава МИА од владини извори, меѓудругото, е договорено преминување во втора фаза од Спогодбата за стабилизација и асоцијација (ССА), која стапи на сила уште во далечната 2004 година.

ССА е всушност рамката за договорните односи се до приемот на Република Македонија во членство во ЕУ.

ССА влезе во четиринаесеттата година од спроведувањето. Македонија континуирано одржува целосна усогласеност со нејзините одредби. Не постојат отворени прашања во спроведувањето, освен отпочнување на т.н. втора фаза од имплементацијата на Спогодбата, што е во процедура на одобрување во Советот на ЕУ уште од 2009 година.

Охрабрува фактот што целите поставени во ССА за стабилизација, здружување и воспоставување на зона на слободна трговија се исполнети, но, сепак, клучната цел за отворање на преговорите за разговорите и приближувањето кон структурните и кохезионите фондови се уште не е постигната.

Со продолжување на притисокот до Советот на ЕУ, односно до земјите-членки, за целосно почитување на ССА и донесување соодветна формална одлука за премин во втората фаза од ССА, би се разгледала и можноста за еднострана примена на дел од одредбите од ССА кои се условени со одлуката за премин во втората фаза, велат владини извори.

Отпочнувањето на оваа фаза ќе има импликации и врз правото на основање, вршење на услуги, тековни плаќања и движење на капитал, како и во делот на постепено усогласување на законодавството и непречена имплементација на НПАА.

Дополнително, ССА содржи рамка за политички дијалог и ја зајакнува регионалната соработка, што со примената на одредбите од втората фаза би се постигнал степен на унапредување и проширување на пазарите и економските односи помеѓу РМ и земјите од ЕУ, преку воспоставување на основите за техничка и финансиска помош.

На состанокот, на кој по речиси два часа се приклучија и министрите за надворешни работи на двете земји, Никола Димитров и Никос Коѕијас, е договорено и отворање на можностите за Макеоднија во рамки на Јадранско-јонската иницијатива (ЈЈИ).

Македонија како членка на ЈЈИ би добила можност да ја продлабочи билатералната соработка со другите членки, кои се меѓу најважните македонски партнери во меѓународната економска соработка и трговија и на меѓународно-политички план (Италија, Грција, земјите на поранешна СФРЈ), но и рамноправно да учествува во обмислувањето на стратешката развојна ориентација на регионот на кој му припаѓа, преку активна улога во органите на ЈЈИ (Комитет на високи функционери и Министерски Форум).

Земјата ќе може да учествува и во конкретните форми на соработка утврдени како приоритетни: транспорт, туризам, култура, животна средина.

Преку членството во ЈЈИ Македонија би добила можност во уште еден регионален форум да ги афирмира своите меѓународно-политички позиции за членство во ЕУ, НАТО, унапредување на добрососедската соработка,.

Членството во ЈЈИ, како регионална структура со скромни буџетски средства, не може да донесе други директни бенефити, надвор од можноста уште еден форум да биде искористен за промоција на надворешно-политичките приоритети.  Членките ја уживаат логистичката подршка на Постојаниот секретаријат, со седиште во Анкона, трошоците се покриени од земјата домаќин, секоја од земјите членки може да ги покрие трошоците на свој претставник во Секретаријатот.

ЈЈИ, како што посочија владини извори, се разликува од другите реионални структури по својот состав, сите членки се во процес на евроинтеграција (за разлика од ПСЈИЕ, ЦЕИ и Црноморска) и има олеснета комуникација со Брисел.

Членството би овозможило следење на проблематиката на макрорегионални стратегии на ЕУ во равноправни услови со другите држави од Регионот.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *