Заев и Ципрас подготвени за решение, Нимиц доаѓа во Атина и Скопје

Отстапки на двете земји, подигнување на преговорите на ниво на шефови на дипломатии, но и цврста заложба за интензивирање на процесот за решавање на спорот за името, договорија на вчерашната прва директна средба премиерите на Македонија и на Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас, која се одржа на маргините на Светскиот економски форум во Давос.

Македонија ќе ги преименува аеродромот и автопатот, а Грција покажа добра волја да и овозможи на нашата земја да ја зголеми соработката со Европската унија и другите меѓународни институции.

– Владата ќе ги преименува аеродромот и автопатот, рече Заев по средбата и додаде дека отсега автопатот ќе се вика „Пријателство“. Според него, ова е доказ за фактот дека немаме теориторијални аспирации кон нашиот сосед.

Ципрас изјави дека како знак на добра волја Грција ќе ги откочи процесите кои се однесуваат на можностите за напредок на Македонија во евроинтеграциите. Ги спомена ратификацијата на втората фаза на Спогодбата за стабилизација и асоцијација во грчкиот Парламент, отворањето на можноста за македонското членство во Јадранско-јонската иницијатива за соработка, како и отворањето на граничниот премин во Преспа.

ССА, која стапи во сила уште во 2004 година е всушност рамката за договорните односи се до приемот на Република Македонија во членство во ЕУ.

Македонија, пак, како членка на ЈЈИ би добила можност да ја продлабочи билатералната соработка со другите членки, кои се меѓу најважните македонски партнери во меѓународната економска соработка и трговија и на меѓународно-политички план, но и рамноправно да учествува во обмислувањето на стратешката развојна ориентација на регионот на кој му припаѓа, преку активна улога во органите на ЈЈИ (Комитет на високи функционери и Министерски форум).

Сложено ерга омнес име и справување со иредентизмот во сите облици, побара Ципрас од Заев во Давос. Грчкиот премиер повтори дека за евро-атлантската перспектива на Македонија потребно е прво да се затвори проблемот со името и тоа во целост.

Преговорите за името, пак, се подигнуваат на повисоко ниво и во натамошниот процес ќе учествуваат министрите за надворешни работи на двете земји, Никола Димитров и Никос Коѕијас.

Во меѓувреме, медијаторот Метју Нимиц вчера преку соопштение официјални ги потврди посетите на Атина и Скопје.

Како што претходно објави МИА, специјалниот претставник на ОН, на 29 јануари ќе ја посети Атина, а по три дена на 1 февруари во Скопје ќе има средби со државниот врв. Агендата за неговата посета сѐ уште е во фаза на услогласување.

На последната рудна разговори за името што се одржа на 17 јануари во Њујорк медијаторот Нимиц излезе со сет сугестии и предлози и оцени дека на повидок е решение на долгогодишниот спор меѓу Грција и Македонија.

По прва директна средба на премиерите на Македонија и на Грција, најавена е координација на македонскиот државен и политички врв во сабота во Клубот на пратениците во Скопје. На средбата која е иницирана од МНР ќе присуствуваат и претседателот Ѓорѓе Иванов и лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицковски.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *