Вајгл: Во февруари ќе го договориме новиот датум за средбата во рамки на „Жан Моне“

Европратеникот и известувач за Македонија Иво Вајгл заедно со своите колеги Едвард Кукан и Кнут Флекенштај на крајот на февруари ќе допатуваат на средби во Македонија, за да биде договорен новиот датум за средбите во рамки на процесот „Жан Моне“.

Вајгл во интервју за МИА, што ќе биде објавено утре истакна дека нивната и понудата на ЕП на македонското Собрание да организираат разговори во формација „Жан Моне“ е се уште актуелна и оти најавената јануарска средба не била реализирана бидејќи европратениците не добиле дефинитивна потврда од ВМРО-ДПМНЕ.

– Најпрво го чекавме нивниот вонреден конгрес и одлуката за раководството на партијата, и се разбира, одлуката на новото раководство дали ВМРО-ДПМНЕ ќе учествува во тој проект. Досега таков одговор се уште не сме добиле. Добив информација дека идната недела новоизбраниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде во Брисел и тогаш ќе имаме разговор со него. Меѓутоа, ние донесовме одлука уште во февруари да дојдеме во Скопје, ние тројцата пратеници кои сме иницијатори на таа иницијатива, Едвард Кукан, Кнуц Флекенштајн и јас, и дефинитивно да се договориме за новиот датум на првиот состанок и за темите кои би биле одобрени, усогласени за тој прв состанок, изјави Вајгл МИА.

Општата политичка ситуација во Македонија по конституирањето на Парламентот и на Владата, како што оцени европратеникот, е во нагорна линија.

– Нема сомнеж дека е од големо значење тоа што Владата стапи во многу продуктивен и одлучен дијалог со соседите, дека ги постави на нови темели односите со Бугарија. Исто така, може да се оцени и како успешен дијалогот којшто се води со Грција иако засега се уште е тешко да се зборува за резултат, вели Вајгл.

Што се однесува на внатрешната ситуација, посочува дека има уверување од страна на Владата дека сериозно се работи на реформите кои се зацртани во Извештајот на Прибе и со Пржинскиот договор. Меѓутоа, според Вајгл, она што во овој момент недостасува е конструктивна соработка на сите партии застапени во Парламентот. Неговата порака до опозицијата, која не учествува во работата на Собранието, е дека бојкотот не е инструмент кој би бил прифатлив за демократските држави и односи.

– ВМРО-ДПМНЕ по сила е се уште најсилна партија во Македонија и во Парламентот и треба да ја преземе одговорноста заедно со Владата за продолжување на реформите, за општиот прогрес на Македонија и за нејзиниот европски пат. Се разбира, и Владата има обврска да и го даде на опозицијата тоа место кое го има опозицијата на секоја демократска сцена, особено ако е збор за јака, силна опозиција без која не може да се спроведе ниту една сериозна реформа или меѓународен договор, истакна Вајгл.

Би било оправдано да се очекува Македонија, чија Влада презеде чекори за решавање на спорот со името со Грција и исто така паралелно работи на посочените реформи, како што вели Вајгл, уште оваа година да добие одлука за почетокот на преговорите.

– Се разбира, одлуката за тоа ја носи Европскиот совет, значи таму каде што се шефовите на владите и на државите во ЕУ. Самиот факт зборува дека Македонија мора и натаму да настојува да соработува со сите држави членки, особено со оние со кои постојат некои отворени прашања. Што се однесува до ЕП, ние секако ќе го поддржиме ставот да и се овозможи на Македонија напредок и јас лично сакам да кажам дека не би можел да се согласам со никаква идеја да се прави ранг-листа меѓу државите кандидатки. Македонија беше 10 и повеќе години оценувана како најнапредна, како најдобра држава кандидатка. Таа не може денес да биде деградирана со статус на некоја второстепена држава кандидатка. Ние за ова ќе дадеме многу јасна порака во ЕП кога ќе разговараме за Стратегијата на проширување на ЕУ која ќе ни ја презентира Европската комисија, изјави во интервју за МИА европратеникот и известувач за Македонија Иво Вајгл.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *