Промовирани четири книги на Брајово писмо во библиотеката во Велес

Локалната библиотека заедно со Здружението на слепи и Општина Велес отпечатија и  денеска промовираа четири нови книги на Брајово писмо наменети за слепите лица. Со нив,  Брајовата  библиотеката „Ратко Пајдаков“ во склоп на велешката библиотека   сега има  38 книги.

Четирите книги промовирани денеска се испечатени во тираж од  осум примероци: „Коста е наш“ од Сашко Насев,„Волшебното самарче“ од Ванчо Николески,„Алиса во земјата на чудата“ од Луис Керол и „Вујко Вања“ од Антон.П.Чехов.

Промоторот Игор Крајчев, писател и директор на велешката библиотека „Гоце Делчев“, рече дека внимавале да  бидат застапени различни жанрови.

-Правото за книгата, правото за знаење и за пристап до уметноста и мудроста на светот е универзално и никој не смее тоа право на било кого да му го скрати. Затоа е голем овој чин. Со овие книги се внесува светлина и збор онаму каде до неодамна тоа беше оневозможено, истакна  Крајчев.

Тони Пајдаков, претставник на Здружението на слепи лица на Општина Велес, рече дека тие преку својата Брајова библиотека „Ратко Пајдаков“ со своите скромни 38 наслови ги опслужуваат  слепите лица од целата држава, а нивното здавање во најголем дел е со поддршка на Општина Велес.

-Веруваме дека и Министерството за култура и останатите локални самоуправи ќе ја препознаат оваа благодарна мисија и ќе го следат примерот на позитивни практики започнати токму од нашата Општина, порача Пајдаков. Информираше дека  покрај книги на Брајово писмо, Националниот сојуз на слепите на Македонија издава и наслови во аудиоформат. Д осега  имаат издадено околу 400 аудио наслови, кои се достапни и на веб-страницата на Националниот сојуз на слепите.

Информираше дека во јуни  годинава промовираа и Брајова и аудиоверзија на Конвенцијата за правата на лицата со инвалидност – документ со кој нашата држава се обврзува да ги спроведува правата и обврсите за подобрување на квалитетот на животот на лицата со инвалидност, меѓу кои и слепите лица.

Воедно упати апел до сите граѓани да се приклучат кон нивните акции и иницијативите  во кои ќе ја препознаат хуманоста и алтруизмот зашто само така, како што рече, ќе создадат услови за еднаков пристап и еднакви можности за слепите лица.

Пајдаков  денеска по промоцијата одржа едукативно  предавања за Брајовото писмо за велешките ученици  од ООУ „Блаже Конески“ и други присутни на настанот организиран по повод  15 Октомври – Меѓународниот ден на белиот стап – симболот на слепиот човек.

 

One thought on “Промовирани четири книги на Брајово писмо во библиотеката во Велес

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *