Соопштение за јавност за одлуката на Бугарската православна црква за барањето на Македонската православна црква-ОА

Почитувани,

Во врска со одлуката на Светиот Синод на Бугарската православна црква да формира архиерејска комисија за преговори со Македонската православна црква и останатите помесни цркви за воспоставување на канонски статус на МПЦ-ОА,  Претседателот на Македонската Алијанса, Ѓорѓија Џорџ Атанасоски, го соопштува следното:

Македонската Алијанса е зачудена од обидите да се наметне некаква еуфорија дека одлуката на Бугарската православна црква е решение за црковните проблеми на Македонската православна црква. Донесената одлука на БПЦ уште пред неколку дена ја најави Бугарскиот Митрополит Јован Варненски и Великопреславски. Во обид да го протолкуваме црковниот јазик, според нас одлуката на Светиот Синод на БПЦ единствено значи: поласкани сме што МПЦ-ОА не доживува како црква-мајка, но БПЦ не може да се скара со останатите православни цркви и затоа формираше комисија која ќе ја застапува МПЦ-ОА и нејзиното барање за автокефалност пред другите цркви. И што има тука триумфално за МПЦ-ОА и Македонскиот народ? Дали МПЦ-ОА бараше адвокат или со писмото до БПЦ бараше друга одлука во обид да го искористи политичкиот момент после потпишувањето на фамозниот Договор за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија? Зошто БПЦ не излезе со став дека е за признавање на автокефалноста на МПЦ-ОА?

Македонската православна црква е црква на Македонскиот народ и затоа остануваме на нашиот став дека не гледаме ниту една логика да се бара од било која друга православна црква да се декларира како нејзина мајка. Освен ако некој не очекуваше дека БПЦ еднострано ќе ја признае автокефалноста на нашата црква како прв чекор и притисок за конечно издавање на томос за признавање на независноста на МПЦ-ОА. За жал се потврди нашето предупредување дека БПЦ нема да ризикува да ги заостри односите со другите православни цркви по прашањето на автокефалноста на МПЦ-ОА. Впрочем, зошто Бугарската православна црква би донела одлука во полза на МПЦ-ОА кога Договорот за добрососедство со Бугарија не содржи одредби со кои тие ни го признаваат Македонскиот идентитет?

Македонската Дијаспора со децении води војна со неколку православни цркви кои во САД и Австралија на нашите браќа и сестри се обидуваат да им го одземат Македонскиот идентитет. Затоа со право сметаме дека Македонците во и надвор од границите на Републиката сме и татко и мајка на МПЦ-ОА. Ние силно веруваме дека Македонската црква постои заради верниците кои споделуваат заеднички христијански верувања, обичаи и вредности. Наша света патриотска должност е да даваме сериозен придонес во зачувување на достоинството на МПЦ, преку изградба на цркви и организирање во црковни заедници пренесувајќи им на новите генерации Македонци верските обичаи и вербата во Бога, што ни дава право да коментираме одлуки кои засегаат во иднината на Македонскиот народ.

Сметаме дека со барањето до БПЦ, Светиот Синод на МПЦ-ОА се обиде да ја искористи политиката во црковните прашања и за жал влезе во ризик дополнително да си ја усложни ситуацијата. Одлуката на БПЦ е дипломатска и во својата суштина нема влијание врз статусот на МПЦ-ОА.

МАКЕДОНСКА АЛИЈАНСА

Претседател,

Ѓорѓија Џорџ Атанасоски

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *