Пратениците Трајчо Димков, Мирсада Емини – Асани, Павлинче Честојнова и Мери Лазарова, како членови на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот и Комисијата за еднакви можности на жените, денеска и утре ќе учествуваат на годишната регионална парламентарна конференција „Јакнење на регионалната соработка и надзор на човековите права и родовата легислатива во Западен Балкан“.
Конференцијата ќе се одржи во Подгорица, Црна Гора. Организатор на средбата е Вестминстер фондацијата за демократија од Лондон, Обединетото Кралство и ХУГЕН (Мрежата на комисии за човекови права и родова еднаквост на Западен Балкан).
Како што соопшти собраниската Прес-служба, целта на оваа конфренција е преку имплементација на регионалниот проект да се основа Мрежата на комисии за човекови права и родова еднаквост на Западен Балкан, која ќе ја зајакне параламентарната соработка во регионот и ќе придонесе во процесите на јакнење на надзорната улога и капацитете на парламентите.
На работилницата покрај пратениците и пратеничките од Собранието на Република Северна Македонија, како што се наведува во соопштението, ќе учествуваат пратеници и пратенички од комисиите за човекови права и родова еднаквост од земјите од Западен Балкан, како и експерти од овие области, кои вршат надзор и контрола на законодавството од Обединетото Кралство и регионот на Западен Балкан.