Преговорите со Европската Унија, австриски сојузен министер за Европа, интеграција и надворешни работи Александер Шаленберг ги спореди со Тур де Франс – патот е долг, со многу патеки и потешкотии. Шаленберг, кој е во посета на Северна Македонија на прес-конференцијата по средбата со шефот на дипломатијата Никола Димитров изјави дека позицијата на Австрија е јасна – Северна Македонија и Албанија треба да добијат датум за почеток на преговори.
-Овој процес може да го споредам со Тур де Франс. Не е важно само кој ќе биде на стартната позиција, понатаму има многу етапи, стази и патот е долг, но верувам дека не треба да постои дискриминација во врска со тоа кој треба да стои на стартната линија на оваа тура, рече Шаленберг.
Нагласи дека не случајно земјава ја посетува сега, тајминот е наменски, пред престојниот Европски совет.
-Оваа посета е сигнал на поддршка и солидарност со Северна Македонија. Следната седмица е клучниот момент, во ЕУ кога ќе мораме да донесеме одлуки за идното пристапување на Северна Македонија и Албанија и ве уверувам дека Австрија има јасна позиција во врска со тоа. Веруваме дека вашата земја заслужува да го направи следниот чекор. Скопје ги испорача резултатите, сега е ред на Брисел да го испорача своето. Тоа е нашата позиција, рече автрискиот министер.
Нагласи дека следната седмица сите земји-членки нема да имаат исто мислење, но тој е оптимист и уверен е дека во Брисел ќе бидат постигнати позитивни чекори и ќе биде дадено зелено светло за преговорите.
Австрискиот државен врв, додаде тој, стапил во контакт со нивните колеги од другите земји-членки за да се уверат дека во Брисел ќе биде донесено правилното решение.
Димитров нагласи дека фокусот на денешната средба бил претстојниот Европски совет и додаде дека ова за земјава не е само уште еден ЕС.
-Решивме тешки прашања во период кога во Европа, па и во светот нема многу решенија на проблемите посебно на големи проблеми. Имаме еден демократски пресврт со сите минуси и грешки, кои за жал уште ги правиме, но македонското општество е позрело и подемократско од пред три години. Тоа е факт, правиме скокови во слободата на медиумите, во независноста на судството, има повеќе одговорност, има очигледно независна антикорупциска, има добри и видливи реформи во секторот разунавање – се заедно заслуживме да го направиме следниот чекор кој е почеток на европскиот пат, не е крајот, нагласи Димитров.
Билатералните односи двајцата министри ги оценија како одлични, расте трговската размена, а Австрија е инвеститор број еден во земјава.
Шаленберг нагласи дека австриските компании имаат голем интерес за натамошно инвестирање во земјава.
Тој и се заблагодари на земјава и за соработката во справувањето со мигрантите. Потсети дека Австрија има најмалку десет полицајци на границите и додаде дека ќе продолжи поддршката во таа насока, со оглед на тоа што изминатиот период е забележано одредено зголемување на мигрантите.