ЈУ Национален парк „Пелистер“ го одбележува Денот на заштита на Динаридите

 Јавната установа Национален парк „Пелистер“-Битола денес го одбележува 7. Октомври – Ден на заштита на Динаридите,  востановен годинава на 29 мај на Генерално Собрание на „Парковите Динариди – мрежа на заштитени области на Динаридите“. Одлуката е донесена во Паркот на природа Блидиње во Босна и Херцеговина од мрежа национални паркови во која членува и ЈУ Национален парк „Пелистер“-Битола.

Здружението „Паркови Динариди – мрежа на заштитени подрачја на Динаридите“ е основана во 2014 година во Подгорица и во неа членуваат национални паркови од Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово, Хрватска, Словенија, Србија и Северна Македонија.

-Од оваа година и секоја година на 7. Октомври ќе го одбележуваме Денот на заштита на Динаридите, а се со цел да ја истакнеме важноста на природното и културно наследство на државите од Динарскиот лак, како и значењето на природното богатство, културните и историските вредности на ова многу посебно место во Европа. Прославувањето на 7. Октомври Денот на заштита на Динаридите претпладнево ќе го одбележиме со едукативен час посветен на значењето на заштитата на природата во Националниот парк „Пелистер“, информираа од истоимената јавна установа.

ЈУ Национален парк „Пелистер“-Битола наскоро пред јавноста ќе промовира ботаничка градина (Арборетум) која ќе биде лоцирана околу Информативниот центар „Пелистер“ на планината Баба.