Француска поддршка за филмот „Господ постои, нејзиното име е Петрунија“ на Стругар Митевска

Франција се приклучи на копродукциската листа за најновиот филм на Теона Стругар Митевска „Господ постои, нејзиното име е Петрунија“, чие снимање почна минатата недела. Освен Франција, копродуценти на филмот се и Македонија, Словенија, Хрватска и Белгија.

Како што информира Митевски Продукција, минатата недела филмот беше поддржан од престижниот француски фонд „Aide aux cinémas du monde“ на националната агенција за филм „Centre national du cinéma et de l’image animée“ (CNC).

– Филмот „Господ постои, нејзиното име е Петрунија“ беше едногласно избран од жирито и стана втор македонски филм, кој има добиено средства од овој фонд, а првиот е „Јас сум од Титов Велес“. Добивањето поддршка од овој фонд во Франција се смета за признание и препорака за квалитетот на проектот, а се добиваат можности и за добивање фондови за филмот за негова понатамошна кино дистрибуција во Франција, соопшти  Митевски Продукција.

Снимањето на новиот долгометражен филм на Теона Стругар Митевска „Господ постои, нејзиното име е Петрунија“ почна да се снима на 19-ти овој месец. Филмот ќе се снима шест недели во Штип, а главните улоги ги толкуваат Зорица Нушева, Стефан Вуисиќ, Суад Беговски, Мони Дамевски, Лабина Митевска, Виолета Шапковска, Андријана Колевска, Џевдет Јашари, Бајруш Мјаку, Петар Мирчевски, Никола Кумев, Илија Волчевски, Игор Тодоров и Ненад Анѓелковиќ.

Директор на фотографија е Белгијката Виржини Сент Мартин, со која Теона успешно соработуваше на филмот „Јас сум од Титов Велес“. Сценограф е Вук Митевски, а за костимите е задолжена Моника Ломбер.

Проектот беше дел од  „Paris Coproduction Villiage“ во Париз и „Venice Gap Financing Market“, кој е дел од Филмскиот фестивал во Венеција. Во развојната фаза филмот беше поддржан и од Медиа програмата за развој со грант од 30.000 евра, а ја доби и наградата на „Еуримаж“ во висина од 20.000 евра на Cinelink програмата, која е дел од Сараевскиот филмски фестивал. Сценариото на филмот потпишано од Теона С. Митевска и Елма Татарагиќ доби највисоки оценки од сите институции и фондови каде што филмот беше претставен