Изјави за Македонија од 2008 – предмет за препукување меѓу власта и опозицијата во Грција

Со видео од 2008 во кое Дора Бакојани вели дека името Нова Македонија содржи делумна географска одредница, во смисла дека „старата била цела, а новата е еден дел“, грчката влада го коментираше ставот на опозицијата, на што Нова демократија одговори со текстови од 2008 во кои СИРИЗА го поддржува уставното име на Република Македонија.

– Се согласува или не Нова демократија и господинот Мицотакис со позицијата што ја изразува во следното видео, тогашната министерка за надворешни работи, а сега надлежна за развој во Нова демократија, Дора Бакојани за името на ПЈРМ?,  коментираат и прашуваат од кабинетот на Ципрас и испраќаат линк од видеото со ставот на Бакојани.

Видеото, јавува дописникот на МИА од Атина,  е од 2008, од прилог во вестите на ТВ Мега, а се однесува на средба на тогашната шефица на грчката дипломатија Дора Бакојани со група блогери во грчкото МНР, средба на која се дискутирало за тоа дали името Нова Македонија е во рамките на позицијата за сложено име со географска одредница како прифатливо решение за тогашната грчка влада.

– Тоа е делумна географска одредница, во смисла дека старата била цела, а новата е еден дел, рекла Бакојани пред блогерите во 2008 во однос на името Нова Македонија.

Од опозициската Нова демократија експресно одговорија со став дека изјавите на Бакојани се од 2008, сега е 2018 и се сменети околностите. Но, освен што ја прашуваат владата која е позицијата на коалициониот партнер Панос Каменос и тие објавуваат став од пред 10 години кога, членови на СИРИЗА немале проблем со уставното име на Република Македонија.

– Ако сакате да се вратиме во 2008, ви праќаме текст со потписи на вашите министри од владата, господинот Евклидис Цакалотос и господинот Костас Гавроглу, како и на потпретседателката на Парламентот, госпоѓата Тасиа Христодулопулу, во кое е вклучен следниот пасус: „потсетуваме на она што се подразбира: не постои никаков „национален интерес“ што би бил загрозен, ако на соседната земја и се даде можност да го задржи уставното име“, реагираат од Нова демократија и на 5 страници ги пренесуваат ставовите и на членови и на подмладокот на СИРИЗА од 2008, пред и по ветото во Букурешт.

Во трите текстови што ги објавуваат од опозициската партија, кои и се веќе познати на грчката јавност, а зад нив стои СИРИЗА, се користи нашето уставното име.

– Претстојната интеграција на Република Македонија во НАТО…, е почетокот на првиот текст – повик од 13 март 2008 во „Авги“, весникот- гласник на СИРИЗА, што го објавуваат од Нова демократија и во кој е содржан делот што го цитираат во нивното соопштение.

Текстот, тогаш го потпишаа 190 лица, меѓу кои новинари, борци за човекови права, професори, студенти, членови на подмладокот на СИРИЗА, а меѓу нив и актуелните функционери што ги споменува грчката опозициска партија.

– Исто така, во мај 2008 делегација на подмладокот на СИН, што подоцна се претвори во подмладок на СИРИЗА, учествуваше во политички настан што се одржа во Скопје со централен слоган „Вето за национализмот, ембарго за милитаризмот, надвор од НАТО“. Во соопштението пишуваше дека учествувале организации од Грција и Република „Македонија“, коментираат од Нова демократија во вториот објавен текст за ставовите на СИРИЗА од 2008, додека пак во третиот, јавува дописникот на МИА од Атина, ги цитираат позициите на подмладокот на тогаш СИН, а сега СИРИЗА, по одржаниот конгрес во декември 2007 во кој го бранат принципот на самоопределување на народите и сметаат дека „името Македонија може да се користи од соседите и е нивно очигледно право“.

Одговор на соопштението на Нова демократија, испрати портпаролката на Независни Грци во однос на делот за позицијата на Панос Каменос во прашањето за името.

– За последен пат кажуваме: позицијата на претседателот на Независни Грци, господинот Панос Каменос е комплетно јасна и спротивна од позицијата на Бакојани, која сака да го даде името „Македонија“ на Скопје, коментира Мадалена Пападопулу, портпаролката на партијата Независни Грци, пренесува МИА

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *