Портпаролката на Независни Грци: Терминот Македонија е грчки па дури и да се каже на кинески

Од Независни Грци, партијата коалиционен партнер во грчката влада, уште еднаш повторуваат дека нема да прифатат име во кое би бил вклучен „грчкиот термин Македонија“, па дури, како што вели портпаролката на партијата, и да е на кинески јазик.

– Терминот „Македонија“ е грчки на кој било јазик и да се каже. Па дури и да се каже на кинески е грчки термин и ние не го прифаќаме овој термин или изведени зборови за Скопје, вели Мадалена Пападопулу, портпаролката на партијата за грчкото радио Реал ФМ, одговарајќи на прашањето каква би била позицијата на Независни Грци доколку се предложи име со терминот „Македонија“, но на македонски јазик.

Пападопулу додава дека за Независни Грци „употребата на терминот од соседите се идентификува со нивниот иредентизам“.

Во однос на протестот во Солун, јавува дописникот на МИА од Атина, портпаролката на партијата што коалицира во грчката влада, вели дека бил голем собир, многу години немало таква масовност, а учество зеле граѓани со различни идеологии.

– Протестот покажа дека инстинктот на Грците и понатаму е жив. Погрешно е размислувањето дека овој народ што отиде на протестот припаѓа на радикалната десница. Не може овој народ да го поистоветуваме со радикалната десница во Грција. Народот побара да не биде вклучен терминот Македонија во името на соседната земја. Не можеме да го игнорираме барањето на грчките граѓани, вели Мадалена Пападопулу од Независни Грци, пренесува МИА.

One thought on “Портпаролката на Независни Грци: Терминот Македонија е грчки па дури и да се каже на кинески

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *