Нина Ангеловска од Grouper.mk и Жарко Димитриоски од Еден на Еден се двајцата претставници од Македонија кои се најдоа на листата на Форбс „30 Under 30 Europe“ која истакнува 300 најдобри претприемачи, лидери и иноватори од Европа во 10 индустрии.
Нина Англовска (29) е коосновач на Grouper.mk е избрана меѓу 30-те најдобри во Retail&Commerce.
Во 2011 година, на 21-годишна возраст Ангеловска победи на натпревар за најиновативен бизнис план и неколку месеци подоцна го лансираше Grouper, првиот сервис за групно купување во Македонија кога само еден отсто од Македонците купувале онлајн. Grouper денес има повеќе од 2.500 соработници и над 170.000 регистрирани корисници. Нина е доктор нна науки, говорник на многу настани, предавач, тренер и консултант во полето на маркетинг и е-трговија. Во 2016 година Ангеловска е препознаена како една од 100 жени основачи во Европа од страна на германскиот магазин The Hundert.
Дваесет и осумгодишниот Жарко Димитриоски коосновач на маркетинг агенцијата Еден на Еден и познат ТВ водител е избран меѓу 30-те највлијателни во Media&Marketing.
Жаре ја основаше маркетинг агенцијата заедно со својот брат во 2012 година и оттогаш истата станува една од ретките домашни агенции која нуди комплетно портфолио маркетинг услуги. Помеѓу нивните клиенти се вбројуваат некои од најголемите домашни компании, како и повеќе интернационални клиенти. Жарко во декември ја доби и наградата за претприемач на годината 2017 во Македонија од Сојузот на Стопански Комори, Министерството за Економија и МРФП.
Главниот извршен директор за содржини и уредник од Форбс Рендал Лејн на објавување на листата истакна дека оваа година имале над 20.000 номинации од кои се избрани најдобрите 300.