Владата го поздрави барањето на челниците на ЕУ за старт на преговори со Северна Македонија и Албанија

Владата на Република Северна Македонија денеска го поздрави писмото што претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, неговата наследничка, Урсула Фон Дер Лејен и претседателот на Европскиот парламент, Давид Сасоли го испратија до земјите членки на ЕУ, со кое бараат започнување на пристапните преговори за членство во Унијата со Северна Македонија и Албанија.

– Писмото претставува афирмација за реформските политики кои оваа Влада ги спроведува и е уште поголем поттик во нашата работа за обезбедување на сигурна и европска иднина за граѓаните на Република Северна Македонија, се наведува во реакцијата на Владата.

Во писмото челниците на ЕУ потсетуваат дека земјите членки се заложија во јуни да се навратат на прашањето и да донесат суштинска одлука по ова прашање во октомври.

– Европската Унија стои пред стратешки избор. Одлуката за почеток на преговори со Северна Македонија и Албанија е тест за способноста на Унијата да ги испорача своите ветувања и да гледа кон иднината, пишуваат европските челници.

Писмото до земјите членки се осврнува на улогата која ЕУ треба да ја одигра на глобалната сцена како и во заштитата на сопствените интереси. Во тој контекст, пишуваат тие, треба ЕУ да преземе чекор кон оние земји кои се заинтересирани за членство во ЕУ и кои ги исполниле критериумите за отпочнување на преговарачкиот процес.

– Северна Македонија и Албанија го направија тоа што го побаравме од нив. Исполнувањето бараше значаен напор од нивните граѓани за кои европската перспектива е голем извор на мотивација и решителност, пишуваат лидерите на ЕУ во поисмото.

Тие признаваат дека нема гаранција за успех во преговарачкиот процес и дека голем реформски напор ќе биде потребен за овие земји да станат полноправни членки. Паралелно, се истакнува во писмото, внатрешната реформа на ЕУ ќе треба да се продлабочува.

– Веруваме дека сега е време да се отворат пристапните преговори со двете земји, стои во писмото.

Одлуката за почеток на преговори за Албанија и Северна Македонија ЕУ треба да ја донесе на 15 октомври.