Жбогар заедно со учениците учествуваше во акција за чистење на паркот Гази Баба

Во рамки на кампањата „ЕУ за ТЕБЕ“, амбасадорот Самуел Жбогар ја посети општината Гази Баба и се сретна со градоначалникот Борис Георгиевски. Тој го посети и средното училиште „Панче Арсовски“ во Автокоманда и имаше средба со учениците, по што следеше заедничка акција за чистење на паркот Гази Баба.

Посетите на средни училишта ширум земјата во рамките на „ЕУ за ТЕБЕ“ продолжуваат во новата учебна година и Гази Баба беше првата станица. Во текот на посетата на „Панче Арсовски“, амбасадорот Жбогар оствари динамична дискусија и размена на мислења со учениците, соопшти Делегацијата на ЕК во Скопје.

Тој одговори на многу од нивните прашања и ги сослуша нивните ставови. Тие разговараа на различни теми поврзани со Европската Унија и ЕУ-интеграцијата на земјата, а дебатираа и за сегашната состојба во Унијата, како и за придобивките од членството, но и за предизвиците и одговорностите.

По дебатата, амбасадорот Жбогар, заедно со учениците и вработените во училиштето „Панче Арсовски“, учествуваше во чистење на околината на паркот Гази Баба. Ова беше уште една во серијата слични акции организирани како дел од кампањата „За чисто како дома исто“, со која Делегацијата на ЕУ придонесува за почиста животна средина и поквалитетен живот.

Серијата дебати со млади се организираат во соработка со невладината организација Младински образовен форум (МОФ). МОФ води 15 младински клубови во осум општини ширум земјата во рамките на проектот „Младинско изразување“, кој е финансиран од ЕУ.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *