Донација за малиот групен дом во Берово од средношколецот кој го фати крстот во Берово

Средношколецот Владимир Методиев од Берово кој при чинот на осветување на водите на реката Брегалница во Берово го фати светиот крст, денеска од средствата што ги доби за крстот донираше смарт телевизор и соковник на децата згрижени во малиот детски групен дом во Берово.

Методиев истакна дека самиот одлучил за оваа донација.

– Претходно дојдов во домот и видов дека децата немаат телевизор. А, за мене чинот на фаќањето на крстот носи хумана порака, а не материјална корист за среќниот фаќач на крстот. Тоа е посебно чувство што ја исполнува душата и тоа не се надомесува со материјални средства. Најдобро е парите кои ќе се добијат од чесниот крст да се донираат, бидејќи сите се фрлаат за здравје, а не да добијат некои материјални средства и да ги потрошат на самите себе, рече Методиев.

Владимир има 17 години и е одличен ученик во беровската гимназија „Ацо Русковски“.

Во малиот групен дом во моментов се згрижени седум дечиња. Малиот групен дом претставува вонинституционална форма на згрижување на деца без родители или родителска грижа и е резултат на процесот на деинституцијализација што е почнат во 2000 година и ги следи и имплементира европските стандарди за квалитетна грижа за деца надвор од нивните биолошки семејства.

Малиот групен дом во Берово е прв од таков вид во државата и претставува пилот проект, а официјално со работа е отпчнат во 2009 год.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *