„Охридско лето“ со вечна благодарност и почит кон оперската дива Џеси Норман

Фестивалот „Охридско лето“ жали за големата загуба, смртта на американската оперска дива Џеси Норман (74), за која од управата на институцијата велат дека ќе остане запишана во фестивалската историја како една од најголемите ѕвезди кои настапиле на охридската фестивалска сцена.

– Големите личности секогаш имале посебно место на сцената на „Охридско лето“.  Вечно ќе и бидеме благодарни на најголемата светска ѕвезда во музичката уметност која на 48-то „Охридско лето“ одржа концерт за паметење, стои во дописот од „Охридско лето“.

За настапот на Џеси Норман на отворањето на 48-те фестивалско издание од „Охридско лето“ во дописот се вели дека оперската дива со својот раскошен глас оставила печат на величина на уметник што го вивнал фестивалот далеку на врвот меѓу најдобрите, ги поместил границите на врвната уметност што може да се доживее на нашата сцена и ги урна рекордите на посетеност.

– Таа ѕвездена ноќ насловена „Од Америка со љубов“ ќе остане засекогаш во фестивалската историја на „Охридско лето“ како еден од највеличествените и најексклузивните настани на Античкиот театар, се наведува во соопштението од нашата најголема и најреномирана музичко-сценска манифестација.

Норман, која како дете пеела госпел во црковниот хор, со години ја градеше оперската кариера низ Европа, пеејќи во германски и италијански оперски куќи. Од 1962 година, дебитира во Операта во Филаделфија, а следната година ја освојува и славната опера „Метрополитен“. Во средината на 80-тите години на минатиот век беше меѓу најбараните сопранистки во светот.

Норман пееше на втората инаугурација за американските претседатели Роналд Реган и Бил Клинтон, но и на отворањето на Летните олимписки игри во 1996 година, како и на Меморијалот за жртвите од нападите на 11 септември, во 2002 година.

Таа има освоено четири Греми награди, Греми за животно дело, како и признание од центарот „Кенеди“.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *