Стерјовски: Општина Пустец запоставена со години од сите влади

Васил Стерјовски, пратеникот од единствената македонска партија во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција на пленарна седница на албанскиот законодавен дом, презентираше дел од проблемите со кои се соочуваат жителите на општина Пустец, која потпаѓа под изборната единица Корча, од каде тој е пратеник.

Ова следува, како што рече, по средбите што тој ги остварил со жителите на македонската заедница во Општина Пустец, населена со 5.200 жители од македонската заедница, а која е „најсиромашната општина во регионот на Корча, запоставена со години од сите влади“.

-Еден од главните проблеми со кои се соочуваат жителите на општина Пустец е недостигот на вода за пиење и канализација. Од деветте села на општина Пустец, само четири имаат водоснабдување и тука е потребна реконструкција на водоводната мрежа, затоа што е амортизирана. Ист е случајот и со патната мрежа, која е многу уништена, рече Стерјовски.

Друга загриженост на жителите на општина Пустец, посочи, е проблемот со снабдувањето со електрична енергија заради амортизираната мрежа.

-Снабдувањето со електрична енергија е со прекини, но и со низок напон во времето кога ја има, што предизвикува прегорување на многу електрични апарати во домаќинствата. Поради нискиот напон на електричната енергија апаратите во Здравствениот дом во Пустец не работат. Повеќе од 40 години не е интервенирано во главната дистрибутивна електрична мрежа што резултира со амортизација на мрежата, наведе Стерјовски.

Според него, поради честите прекини на струјата и нискиот напон единствената текстилна фирма во областа што вработувала 20 жени, пред еден месец ставила клуч и се преместила во Корча.

– Невработеноста во Општина Пустец е еден од најголемите проблеми. Голем број на жители, иако се високо образовани се дома или во странство, се невработени и се бројат на прсти оние што се вработени во државната администрација и институциите на централно и на ниво на округ. Иако општина Пустец е 100 отсто населена со Македонци, парадоксално е тоа што има многу малку Македонци вработени во државните институции во рамки на општината, како што се образованието, здравството, полицијата, царината, администрацијата на Националниот парк „Преспа“, локалната самоуправа и други,нагласи Стерјовски.

Тој го акцентираше и фактот дека во неодамнешниот извештај од контролата на Врховната државна ревизија на Регионалната администрација на заштитените подрачја на Корча, се наведува дека иако 90 отсто од територијата на Националниот парк „Преспа“ се простира во Општина Пустец, има само двајца вработени од оваа општина во администрацијата на паркот.

-Исто така, постојат институции, како што е царината во Горица и други, кои се наоѓаат на територијата на Општина Пустец, а таму нема ниту еден вработен од македонската заедница, рече Стерјовски.

Додаде дека Врховната државна ревизија препорачува колку што е можно повеќе локални жители да бидат вклучени во администрацијата на паркот Преспа,а од надлежнте тој тоа го побара и за другите институции.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *