Име што ќе ја разграничи грчката Македонија од соседната земја и ќе го запре иредентизмот е решението што го бара и алтернативниот шеф на грчката дипломатија и одговорниот за надворешна политика во опозициската Нова демократија. Во изминатиот период постојат континуирани препукувања на релација власт – опозиција во Грција, но како што јавува дописникот на МИА од Атина и едните и другите се согласни дека иредентизмот е главниот проблем, а името мора да прави разлика меѓу грчката област Македонија и Република Македонија. Ова уште еднаш се потврди при гостувањето на алтернативниот МНР Јоргос Кумуцакос и пратеникот од Нова демократија Јоргос Катругалос на грчката телевизија Антена.
-Јас и сите ние во владата продолжуваме да веруваме дека позицијата што ги обединува, а не ги разделува Грците е токму онаа што ја промовира владата. Сложено име што јасно ќе го разликува историскиот и грчкиот карактер на нашата Македонија од соседната земја, како и обидите за справување со иредентизмот како пакет, рече Јоргос Катругалос за грчката ТВ Антена, објави МИА.
Јоргос Кумуцакос, одговорниот за надворешна политика во грчката опозициска партија, ги повтори позициите кои веќе ги имаа соопштено лидерот на Нова демократија, дека проблемот со името има три нераскинливи елементи: иредентизмот, името и употребата на името.
-Во однос на борбата со иредентизмот, треба да ја споменеме и содржината, отстранување на спомениците, поништување на името на аеродромот во Скопје што се вика Александар Велики, промена на името на сите инфраструктури, ставање крај на мапите што покажуваат, според нивно мислење, Голема Македонија, крај за учебниците што се иредентистички. Сето ова е пакет во решението. Не е само името. Името, на пример, е насловот на една книга, а содржината е целосно да се поништи иредентизмот и секако усвојување на името за кое ќе има договор и за внатрешна и за надворешна употреба, рече Кумуцакос, потенцирајќи дека грчката влада сега е во полесна позицијата од онаа во 2008, во пресрет на тогашниот НАТО самит
-Преговарате од полесна позиција, треба да земете нешто подобро, му порача Кумуцакос на Катругалос за време на нивното телевизиско гостување во централното издание на вестите на грчката телевизија Антена.
Од ТВ дебатата, јавува дописникот на МИА од Атина, и овој пат не изостанаа меѓусебните обвинувања и критики како во однос на прашањето со името, така и во однос на демонстрациите во Солун.