Концерт „Моцартовите перипетии“ со обоистката Сања Ромиќ

На програмата на Македонската филхармонија в четврток е симфонискиот концерт „Моцартовите перипетии“. Ќе бидат изведени дела од музичкиот гениј Волфганг Амадеус Моцарт, а како солист ќе настапи Сања Ромиќ, прва обоа на Белградската филхармонија, која ќе го изведе Концертот за обоа и оркестар во C-dur.

Под диригентство на маестро Михал Нестерович од Полска, оркестарот на Македонската филхармонија ќе ги изведе и увертирата од операта „Дон Џовани“, како и Симфонијата бр. 38 во D-dur, „Прашка“.

– Таа поседува музичка длабочина и има прекрасен тон кој го надминува целиот оркестар, а наедно ги инспирира своите колеги, изјави славниот маестро Зубин Мехта за Сања Ромиќ.

Таа се смета за една од најактивните, но и најталентираните обоистки од помладата генерација на Балканот. Го почнала своето музичко образование во Нови Сад, потоа студирала на академијата „Франц Лист“ во Будимпешта, а се усовршувала на „Моцартеум“ во Салцбург. Од 2005 до 2009 година дејствувала како соло-обоистка во Операта и балетот во Љубљана, а соработувала и со Оркестарот на Радио-телевизија Словенија, со Словенечката филхармонија, со оркестарот на Војската на Словенија, со оркестарот „Фестине“ и Друштвото на словенечки композитори.

Сања Ромиќ соработувала и со меѓународни оркестри како што се „Ердоди“ и „Матав“ од Унгарија, Салцбуршката камерна филхармонија, Младинската филхармонија од Салцбург, оркестарот „Бад Рајхенхал“ од Германија, со загрепските солисти, со оркестарот на Академијата „Арс музикае“ од Клагенфурт… Се јавува и како предавач на мастер-класите на Кралската академија во Даблин и на Академијата за уметности во Нови Сад, а се занимава и со педагошка дејност.

Соработува со пијанистот Даниел Детони од Хрватска, со харфистката Паола Барон од Италија и со пијанистката Финула Мојнихан од Ирска, со која го снимила и нејзиното прво ЦД „Melodies of Nations“. Остварила снимки за Радио Нови Сад, а досега била ангажирана за разновидни перформанси, меѓу кои и за театарска музика.

Од 2011 година е прва обоистка на Белградската филхармонија.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *