Пожарникарите се обучуваат да даваат прва помош, во Скопје ќе има околу 50 обучени

Пожарникари од Територијалната противпожарна бригада на Град Скопје, меѓу кои и новопримените 18, ќе бидат обучени за давање прва помош на повредени лица во сообраќајни незгоди или во случаи кога има повредени при интервенции за гаснење пожар.

Со тоа, Територијалната противпожарна бригада на Град Скопје ќе брои вкупно околу 50 пожарникари кои ќе имаат сертификат за давање прва помош.

Обуките се спроведуваат во соработка со невладината организација „Линкакрос“, американски обучувачи за парамедикал и Брзата помош на Град Скопје.

– Теоретскиот дел траеше 10 дена, а сега следува практичниот дел кој ќе трае една до две недели. Од 2015 година, откога соработуваме со „Линкакрос“ имаме 25 парамедици, сега ќе добиеме нови 25 така што Бригадата ќе брои околу 50 пожарникари кои ќе имаат сертификат за давање прва помош, изјави денеска командантот на ТППЕ Владимир Симоновски.

Годинава, во обуката е вклучен и Здравствениот дом Скопје со тројца лекари за прва помош кои го спроведоа теоретскиот дел од обуката.

–  Работевме на теоретска едукација на кандидатите од Противпожарната бригада. Претставниците од „Линкакрос“ сметаа дека е добро едукаторите да бидат од Итната медицинска помош затоа што нашите служби непосредно се сретнуваат со такви ситуации и сметаа дека нашето искуство во справувањето во итни ситуации ќе им биде од полза на пожарникарите. Се надевам дека направивме добра теоретска подготовка, изјави докторка Кристина Шинделар од Итната медицинска помош.

Според Џонатан Манделс од „Линкарос“, проектот е пример за зголемување на капацитетите на пожарникарите за давање прва помош. – Мислам дека преку проектот покажуваме дека се грижиме за оние кои се грижат за нас, рече Манделс.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *