Веселин Иванов: Оптимист сум дека Скопје и Атина може да најдат решение

Прашањето за името е меѓу Скопје и Атина, Бугарија не може да има улога на медијатор, смета бугарскиот амбасадор во Грција, Веселин Иванов, кој во канцеларијата на делегацијата на Европскиот парламент во Атина, ги презентираше приоритетите на бугарското претседателство со ЕУ.

Како што јавува дописникот на МИА од Атина, спорот со името и европската перспектива на Западен Балкан, Веселин Иванов ги повтори како дел од високите приоритети на претседавањето на Бугарија со ЕУ.

Со идентичен став дека Бугарија е само земја претседавач со ЕУ и не е дел од преговорите меѓу Македонија и Грција излезе и шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕијас.

Одговарајќи на новинарско прашање, дали бугарското како балканско претседателство може да помогне или да ги олесни преговорите, Коѕијас вели дека преговорите се водат меѓу двете земји.

Релациите Скопје-Софија-Атина во разговор со дописникот на МИА од Атина ги коментираше токму бугарскиот амбасадор Иванов, кој вели дека е оптимист дека Македонија и Грција ќе најдат решение на проблемот.

На прашањето за улогата, што Бугарија, како актуелна земја претседавач ќе ја има во преговорите за спорот со името, но и во однос на европската интеграција на Македонија, Иванов посочи дека Софија посакува да се најде решение.

– Како што кажав и во нашето претставување, еден од најважните приоритети е Западен Балкан, поконкретно решавањето на прашањето со името со Грција, затоа што оттука е просперитетот на вашата земја. Затоа што знаете дека од тоа зависи влезот во НАТО, во Европската унија и ние од срце посакуваме да се најде решение. За тоа решение, мислам дека има желба кај владите на двете земји да се постигне консензус. Ние помагаме на секаков начин да се најде решение, истакна бугарскиот амбасадор.

Напомена дека иако Бугарија не може да биде медијатор, сепак, може да помогне во тој процес.

– Се разбира дека може да помогне, но треба да знаеме што сакате и какви се можностите. За време на претседателството, знаете, тешко е да се биде медијатор, затоа што тоа налага да се заземе страна во случајот. Јас сум оптимист и мислам дека ќе се најде некакво решение и во рамките на претседателството ќе почне и ќе продолжи понатаму, појасни Иванов.

Тој позитивно одговори на прашањето дали потпишаниот договор меѓу Македонија и Бугарија може да биде пример за решавање на проблемот.

– Се разбира. Потпишаниот договор беше долго очекуван и од народот на двете земји. Јас мислам дека тоа е еден од најубавите настани што се случија во последните години, истакна бугарскиот амбасадор во Грција во изјава за МИА.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *