УСАИД, организацијата што одбележува 25 години од работењето во Македонија, уште од самиот почеток во 1993 година спроведува проекти со кои го поддржува владењето на правото и почитувањето на човековите права.
Од УСАИД посочуваат дека првичната поддршка била насочена кон градење на капацитетите на професионалните здруженија на правници, а од 2002 до 2015 година во соработка со судството и Министерството за правда учествувале во создавањето на законската регулатива за реформирање на судскиот систем. Во последните неколку години, фокусот е ставен на промоција и заштита на човековите права.
Во периодот од октомври 2014 до септември 2017 година е спроведен проект за заштита на жените жртви на секаква форма на родово насилство во чии рамки се набљудувани 344 судски постапки, бесплатна правна помош добиле 847 жени, а пет жени жртви на насилство биле застапувани во судски постапки.
Од септември 2014 до крајот на 2017 година е спроведен проект за заштита на човековите права во чии рамки меѓу другото се укинати два подзаконски акти на Министерството за труд и социјална политика со чија ретроактивна примена им била одземена социјалната помош на повеќе од 1.300 корисници. Како успешно завршен проект, од УСАИД го посочуваат и застапувањето на предмети на припадници од ромската заедница на кои им беше оневозможено излегување од земјата заради сомневање дека ќе го злоупотребат безвизниот режим и ќе бараат азил во земјите од Шенген зоната.
Во моментот, УСАИД работи на два проекта од областа на човековите права. Првиот е насочен кон тоа да се намали дискриминацијата на припадниците на ЛГБТИ заедницата во Македонија и да поттикне нивно рамноправно вклучување во општеството, а вториот кон градење на капацитети на државните институции и граѓанските организации за почитување и заштита на човековите права на бегалците.