Кавадарци активира два бунара, земјоделците ќе можат бесплатно да користат технолошка вода

Кавадарци активира два бунара со што земјоделците ќе можат бесплатно да користат технолошка вода во земјоделството, за прскање и миење трактори. Издашноста е околу десет литри вода во секунда.

Градоначалникот Митко Јанчев денеска рече дека локацијата е погодна, бидејќи е на самиот излез од градот. Наспроти оваа локација е и депото со гаражи во кои земјоделците можат да ја оставаат својата земјоделска механизација и опрема.

-Со ова очекуваме да се намали потрошувачката на вода во Кавадарци. Заеднички со Јавното претпријатие „Комуналец”   ја спроведуваме програмата зацртана за четиригодишниот мандат. Како земјоделски регион ја остваривме целта да им олесниме на земјоделците. Но, водата ќе може да ја користи и комуналното преторијатие за перење улици, наводнување јавни површини  и задоволување на други потреби од технолошка вода, нагласи градоначалникот.

Јанчев соопшти исто така дека продолжуваат и  инвестициите во  „Комуналец”. Со средства на Комуналното претпријатие купено е ново софистицирано возило за чистење булевари, сливници, таложници и шахти чија вредност е три милиони денари.

-Со ова уште повеќе ќе ја подобриме хигиената и ќе придонесеме за уште поеколошка средина. Станува збор за голем проект од големо значење за Општината, додаде Јанчев.

Директорот на „Комуналец”, Ѓоко Поп Ицов рече дека инвестицијата кај бунарите е 1,5 милиони денари. Само при миење на улици, ќе се заштеди 150 до 200 кубни метри вода за пиење на дневно ниво, во зависност од сезоната.

-Решаваме и друг проблем. На локацијата каде претходно се полнеше вода за цистерните, има колективни станбени згради, па додека се користеше  вода за комуналните возила, се нарушуваше  водоснабдувањето за дел од становите. Сега тоа е минато, додаде Поп Ицов.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *