Забрзано се гради системот „Јужновардарска долина“, поставени 7.000 метри од планираната мрежа

За три месеци се изградени околу 7.000 метри од планираната секундарна мрежа (разводни цевководи), интензивно се поставува и терциерната мрежа за наводнување (дистрибутивни цевководи), а во полн ек е и изградбата на пумпната станица Јосифово, рече министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство,Трајан Димковски по денешната посета на системот „Јужновардарска долина“ кај Удово.

Според Димковски, градежните работи се одвиваат согласно предвидената динамика.

-Со системот очекуваме да обезбедиме навремено и квалитетно наводнување на повеќе од 2.000 хектари земјоделска површина. Се работи за затворен, модерен софистициран систем. Водата со пумпи ќе се носи од реката Вардар. Ќе се градат и неколку пречистителни станици за водата што ќе се носи до нивите да биде филтрирана. Системот ќе значи многу во менаџирањето на наводнувањето и искористувањето на природните ресурси, а тоа на крај ќе влијае и врз подобрување на квалитетот на производите, изјави министерот.

Градоначалникот Перо Костадинов кој го придружуваше Димковски, рече дека проектот е од исклучителна важност не само за општина Валандово, туку и за целата држава, а најмногу за земјоделците.

-Во општина Валандово голем дел од приходите на земјоделците се токму од земјоделство, особено што имаме и компративната предност за земјоделско производство. Работите на терен во делот на изградбата на системот за наводнување се според предвидената динамика и очекуваме така да продолжи. Ваквите капитални проекти во системи за наводнување се добредојдени за нашата општина, нагласи Костадинов.

Втората фаза од проектот за наводнување на јужната долина на реката Вардар чини 24,3 милиони евра. Дел од средствата се од Буџетот на МЗШВ, а дел се кредит и грант од германската развојна банка „KfW“.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *