Преговорите за името во критична фаза, се чека средбата Заев – Ципрас

Во сенка на вчерашниот масовен протест во Солун и најавената прва директна средба на премиерите Алексис Ципрас и Зоран во Давос, преговорите за името навлегуваат во најкритичната фаза, оценуваат денеска медиумите во Грција, пренесува МИА.

„Катимерини“ пишува дека откако посредникот на ОН Метју Нимиц им ги претстави на двете страни своите предлози, се активираа директните политички канали меѓу Атина и Скопје. Најлесниот дел од решението на проблемот, според весникот, сега е изборот на името, а многу потешко ќе биде обезбедувањето внатрешна политичка и јавна поддршка за евентуалниот договор.

„Вима“ објавува дека сите погледи сега се насочени кон средбата Ципрас – Заев во Давос на која се очекува да биде разгледан пакетот на Нимиц. Според владини и дипломатски извори, не е исклучено Ципрас и Заев на 24 јануари во Давос да излезат со заедничко соопштение дека е направен прогрес во решавањето на прашањето за името и оти процесот ќе се води на највисоко политичко ниво.

Грчките медиуми пишуваат и дека пакетот на Нимиц содржи позитивни елементи за Атина. Токму затоа, наведува „Вима“, грчката Влада инсистира на воздржаност и национално единство. Грчките медиуми наведуваат и дека реакциите за предлозите на Нимиц во Скопје се многу умерени. Клучното прашање на кое Скопје е насочено е заштитата на идентитетот. Главен проблем и во двете земји, според аналитичарите и медиумите во Грција, ќе биде да се обезбеди внатрешна политичка поддршка. Во Грција неизвесно е дали ќе има заедничка позиција меѓу владините коалициски партнери и дали Ципрас ќе обезбеди поширока парламентарна поддршка. Во Скопје, пак, Заев се соочува со позициите на претседателот Ѓорге Иванов и опозициската ВМРО-ДПМНЕ, како и тесното парламентарно мнозинство.

Јанис Армаколас, професор на Солунскиот универзитет „Македонија“, оценува дека јавноста во Грција во моментов е целосно неподготвена за компромисно решение, а недоволна јавна дебата околу ова прашање има и кај северниот сосед.

Грчките медиуми денеска се осврнуваат и на наводните пет предлози за името што ги дал Нимиц и во кои, како што посочуваат, без исклучок е содржан терминот „Македонија“. За предлогот „Вардарска Македонија“, што го преферира лидерот на Независни Грци Панос Каменос се оценува дека може да биде неприфатлив бидејќи потсетува на времето кога северниот сосед бил под српска доминација, а е неприфатлив и за Албанците. За предлогот „Северна“ и „Горна Македонија“ се претпоставува дека може да биде неприфатлив за Бугарија која исто така дел од географскиот регион Македонија. Името „Република Македонија (Скопје)“, пак, изгледа неприфатливо за Атина. Како најсоодветен предлог се посочува „Нова Македонија“ кое, како што потсетуваат медиумите, било предлог на првите медијатори Сајрус Венс и Дејвид Овен на почетокот на деведесеттите години.

Проблем ќе претставува и употребата на името и инсистирањето на Грција за „ерга омнес“. Владата во Скопје во моментов ниту го има потребното парламентарно мнозинство, ниту пак јавна поддршка за евентуални уставни измени, пишува Ин.гр.

Владата на Ципрас, како што пишува „Прото тема“, сега е соочена и со „народниот бунт“ во Солун. Весникот наведува дека можноста за политички консензус во Грција за прашањето за името во моментов е минимален.

Под наслов „Гордиевиот јазол“, „Та неа“ коментира дека по вчерашниот протест во Солун премиерот Ципрас е доведен во ситуација да бара решение за проблемот со името во услови на силно јавно несогласување и тешки напади од политичката опозиција, но и од коалицискиот партнер Независни Грци на Панос Каменос.

За протестот во Солун, медиумите во Грција, пишуваат дека е прв поголем собир откако двете земји се согласија да ги интензивираат преговорите за решавање на 25 – годишниот спор за името, но оти бил многу помал од митингот во 1992 година.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *