Снег во Кривопаланечко, фрлени 10 тони сол и ризла

Крива Паланка осамна со снежна покривка од околу шест сантиметри на местата над 1.000 метри надморска височина и три сантиметри во централното градско подрачје, а службите задолжени за зимско одржување при Јавно претпријатие „Комуналец“ досега фрлиле 10 тони абразивен материјал низ улиците во градот.

– Нашите служби нанесоа абразивен материјал, сол и ризла, превентивно, пред паѓањето на снегот, кој во текот на ноќта направи покривка од околу три сантиметри. Постојано се работи на отстранување на снегот од коловозите, главната улица „Св.Јоаким Осоговски“ и пристапите до училиштата, кон основно училиште „Илинден“ и ООУ „Јоаким Крчовски“ се расчистени, како и пристапот кон детската градинка на главната улица и пристапот до итните служби. Тековно, машините работат во повисоките реони, во населба Баглак и кај Житен склад, како и на улица „8 Септември“ во Осичка Маала, изјави Драги Пешовски, раководиетл на зимска служба при ЈП „Комуналец“.

Според информациите од Подрачната единица на Дирекција за заштита и спасување од Крива Паланка, сите патишта на подрачјето на општината, и регионални и локални, се проодни.

– Редовно ја следиме состојбата на терен, има снежна покривка во селата која на места е повисока и од шест сантиметри, но ниту еден до патните правци засега не е непрооден, а нема забрана за движење возила ниту на граничниот премин Деве Баир. Постојано сме во координација со надлежните општински служби за тековно зимско одржување, а  доколку се јави каква било потреба за дејствување, службите се во фаза на приправност, рече Зоки Павловски, раководител на ПЕ на Дирекцијата за заштита, Крива Паланка.

Од зимската служба информираа дека располагаат со повеќе машини за отстранување на снегот и посипување абразивен материјал по коловозите и се подготвени за најавените ниски температури претстојните денови.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *