ДО КРСТОАР СО ЗБОР И СЛИКИ 

Кога патник ќе пристигне на Железничката станица во Битола, која е своевиден паметник на времето и настаните низ изминатото столетие, веднаш на излезот го пресретнува чистиот воздух кој доаѓа од Баба Планина  преку  раскошниот Градски   Парк

Таму, од десната страна има неколку улици кои водат за различни страни во Битола. Низ паркот се стасува до Музејот, а од таму по Широк Сокак до сите дестинации на градот под Пелистер. Исто така, еден пат води кон „Гини Маале“, а друг како заобиколница на Битола води кон Прилеп.

Веднаш на излезот од Железничката станица по еден пат на југ се оди кон Хераклеа, а понатамо десно еден крак води кон Буково, Крстоар, Бистрица и  се продолжува  кон леринските села, а лево кон Кравари и граничниот премин Меџитлија, за да  се продолжи кон Лерин, Костур, Воден и Солун.

Ние тргнавме кон Хераклеа Линкенстис, кон таа македонска убавица, еден од најзначајните археолошки локалитети во Македонија. Се наоѓа на јужната периферија на градот Битола, во подножјето на планината Баба, на патот од Битола кон Крстоар. Хераклеа била градска населба од старомакедонско време до средниот век.

Основана е кон средината на IV век пред н.е. од страна на кралот Филип II Македонски, како важен стратегиски пункт. Од повеќе причини, остатоците од материјалната култура од старомакедонската фаза на животот археолошки не се доволно истражени. Експертите велат дека мал простор од богатата античка реткост е на светлината на денот и мамка за илјадниците туристи кои катадневно  го посетуваат овој исклучително вреден и зачуван град на вековите.

kanad2

Железничката станица во Битола

Инаку, Хераклеја Линкестис името го добила според Херакле, митскиот јунак и родоначалник на македонската кралска династија Аргеади, додека епитетот Линкестис со значење „Линкестидска”, доаѓа од називот на регионот Линкестида во кој се наоѓал градот, а во кој живеело древното македонско племе Линкестиди.

Овој многу значаен македонски археолошки локалитет е сместен во плодната рамнина, од север е заштитена од планината Баба, односно ридот Тумбе Кафе и реката Сива Вода на југ, Хераклеја опстојала и се развила во една значајна раскрсница на патот Виа Игнација кој ги поврзувал Драч и Босфорот.

Според пишаните извори, по освојувањето на Линкестида, Филип II Македонски подигнал тврдина (веројатно Хераклеја) преку која можел да контролира дел од кралството. Исто така постои податок според кој во почетокот на II век пр. н.е., за време на војните со Римјаните, македонскиот крал Филип V изградил неколку тврдини во пограничните области за да ја осигура границата на кралството.

По победата на Римјаните и поделбата на Македонското кралство на четири области (мериди), Хераклеја влегла во составот на четвртата мерида. Највисок степен на цивилизациски развој во време на римското владеење градот доживеал во првите векови на новата ера, кога добива статус на колонија. Во тој период Хераклеја станува силен економско-политички центар со свој постојан римски намесник и со своја римска војска. Сето тоа се одразило врз изгледот на градот, така што во голема мерка била застапена римската архитектура, иако традиционалните влијанија и историските придобивки сè уште давале свој белег на градот.

kanad3

Куќа на патот за Крстоар

Во 473 година, при продорот кон југ, Готите ја освоиле и Хераклеја. И уништиле голем дел од градот. Но, не е утврден точниот обем на уништувањето. Во текот на VI век градот повторно бил нападнат од варварите и при крајот на VI век животот во Хераклеја дефинитивно замира, но остана да трае нејзината посебност и вредност.

Ја напуштивме Хераклеа и го пподолживме нашето патување по асфалтниот пат што води кон Крстоар. Од таму, на исток го гледавме Пелагониското Поле, во кое жетвата беше во силен ек, а на кон запад под Баба Планина се распрострила населбата Буковски Ливади, во која има десетина станбени улици и се наоѓа на влезот во селото. Оваа населба се смета за дел од Буково, а всушност е едно предградие на Битола.

Буково,  кое  не е ни село ни град, се вгездило во Баба Бланина и го збогатува тој регион со убавите македонски куќи направени од камен. Тоа е типично македонско, потпелистерско село кое е поделено на Горна и Долнаа Маала. Буковци колективно го прославуваат празникот на Преображението како свој локален празник – наречен “Денот” – по истоимениот манастир на селото.

Инаку, манастирот „Свето Преображение Христово“ во Буково е еден од најрепрезентативните духовни светилишта во подпелистерскиот регион Историските сведоштва за Буковскиот манастир зборуваат за неговото повеќевековно опстојување како еден од поголемите монашки и духовни центри во Битолско.

Манастирската црква е изградена во 1837 година во центарот на оградениот минастирски двор и како градба тој е еден од најрепрезентативните и најпосетуваните во овој регион Манастирот бил возобновен на почетокот на XIX век. Првично имал монаси, но половина век подоцна монашкиот живот замира и управувањето е преземено од мирјани од Битола.

Но се чини Буково е многу познати во голем број домаќинства во земјата и светот по „Буковскиот пипер“. Така, од буковските сушени пиперки, населението по  свои оригинални рецепти и традиција, на свој начин прави и благ и лут  пипер, познат како „Буковец“.

kanad4

Го продолживме нашето патување кон Бистрица, поранешен општински центар, кој е на неколку километри од Хераклеја. На сред пат застанавме кај патоказот чија стрелка не поведе кон Крстоар. Асфатниот пат е потесен од оној што води кон Бистрица, но и тој е асфалтиран и по угорницата моравме со автомобилот да возиме поспоро.

Почнувајќи од кршнувањето на патот за Крстоар ги гледавме новите објекти изградени покрај оваа патна артерија. Интересна беше современата куќа на крстоарецот кој живее во Шведска. Таа е изградена до патот и е оградена со ѕидови на чиј влез се сместени скулптури на два македонски лава.

Веднаш натаму по угорницата стасавме до централната селска чешма,која одамна била место на средби  и видување, на муабети и спомени што  и’ одолева на просторот и на времето. Застанавме кај чешмата од каде се делат два асфалтни патишта. Едниот високо се издигнува низ селото кон манастирите „Свети Кристофер“ и „Свети Ѓорѓи, а другиот, на десната страна води кон еден современ дел на Крстоар.

На крајот на улицата на едно рамниште е куќата на Видиновци, каде ги сретнавме Борче и Рада, кои вложиле многу труд и средства, да го реновираат  овој семеен дом со цел да имаат свое катче во Крстоар и да ги зачуваат спомените на нивното поколение од минатото. Нивниот амбиент го збогатува убавата и  современа македонска куќа на неколку ката и со широки балкони.

Куќата на Видиновци во Крстоар е типична македонска градба. Со реновирањето на објектот зачувани се старите камени ѕидови кои се карактеристични за македонските села, но во куќата е се’ ново и современо, за домаќините да се чувствуваат како да се во Канада. Дворот, пак, во кој поминавме повече часа со ладно битолско пиво е огромен со една каскада каде пораснал висок орев и една дуња.

Од тука како на дланка ја гледавме пространата Пелагонија и се воодушевувавме на  на тој дел од македонската земја. Прекрасна панорама се пружа кога се седи во дворот под раскошните стебла  дрва, тогаш како на дланка се има парче простор од својата татковина Македонија.

Продолжува

d5

Пишува: СЛАВЕ КАТИН   

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *