Ансамблот „Томов“ – амбасадор на македонскиот фолклор во светот

„МАКЕДОНСКИ ИСЕЛЕНИЧКИ МЕРИДИЈАНИ“ – САД

Ѓорѓи (Џорџ) Томов, кој беше меѓународен професор и бард на историјата на македонскиот танц и на ората, што се основа на нашата цивилизациска меморија, ги преплави светските фестивали и сцени со својата бесконечна љубов и стана легенда на македонската дијаспора и на македонската интернационална судбина.

Симболиката сакаше, кога владата на САД го формираше „Музејот на емиграцијата” на Елис Ајланд, каде што доаѓаа многубројните емигранти во новиот свет, токму неговото име да биде гравирано во вечноста на светската меморија: Џорџ Томов – Македонија, бидејќи тој го научи целиот свет да игра на македонски.

Тој беше прочуен фолклорист, етнолог, кореограф, скулптор, или како често го нарекуваат амбасадор на македонската култура. Тој го формира Ансамблот за народни игри и песни „Томов” од Њујорк, во 1974 година, со цел на американскиот контитент да ги прикажуваат богатите игри и песни од Балканот, посебно од Македонија. Ансамблот предводен од видниот македонски иселеник Џорџ Томов беше составен исклучително од Американци, ентузијасти, играорци, пејачи и музичари, а само уметничкиот директор и кореограф беше Македонец.

Ансамблот за народни игри и песни “Томов” со успех работеше во велеградот Њујирк. Ансамблот е формиран 1974 година со цел да ги прикажува на американскиот кон­тинент богатите игри и песни од Бал­канот, посебно од Македонија. Тој беше составен ис­клу­чиво од Американци, ен­тузијасти, играорци, пејачи и музичари, а само умет­ничкиот директор и ко­рео­граф беше Македонец. Тоа беше единствен ансамбл во све­тот од ваков вид. По­го­лем број од членовите по за­нимање се професори, инженери, научници, кои своето слободно време го по­светувале на убавите игри и песни од бо­гатата маке­донска и балканска фол­клор­на традиција. Оригиналните игри на ансамблот “Томов” и’ се познати на маке­донската јавност уште од 1979 година, кога првпат аме­ри­кан­ските играорци со успех гостуваа во Република Македонија.

Ансамблот “Томов” во своето постоење има постигнато огромни ре­зул­тати околу ширењето на македонската култура. Секоја година одр­жу­ваше од 6 до 14 концерти во најпознатите светски сали: „Карнеги хол“ и „Лин­колн цен­­тарот“ во Њујорк, во Бостон, Вашингтон, Чикаго и во многу други по­големи и помали градови во САД и во Канада; настапил на повеќе те­ле­ви­зис­ки ста­­ници во САД; учествувал и на свеченото отворање и затворање на Зимски­те олим­писки игри во Лејк Плесид во 1984 и на специјалистичкиот концерт за све­че­ното отворање на Елис Исланд 1990, но и на многу фолк фестивали во Аме­рика. Најпознатите весници: “Њујорк тајмс”, “Денс магазин”, “Дејли њуз”, “Ри­вердејл прес”, “Денс ривју”, “Балерт њуз”, “Д’тајмс хералд”, “Артс” и други без исклучок давале највисоки оценки за кореографијата, беспрекорната техника на изведување и одушевувањето  кое го предизвикува Ансамблот со сите изворни ора и песни од Македонија, а посебно со “Невестинското”, “Калајџиското” и др.

tomov2tomov3

Ансамблот „Томов“ на Олимписките игри

Ансамблот “Томов” гостувал во Македонија, на сите фолклорни фести­ва­ли и пошироко на бившите југословенски простори, и тоа: 1974, 1975 и 1983 на Бал­канскиот фестивал во Охрид; 1976, 1977, 1979 на “Илинденските денови” во Битола; 1975 и 1976 на Смотрата на фолклорот во Загреб; 1975 на Ду­бро­в­ничките летни игри; 1981 и 1989 година на “Скопското лето” во Скопје и 1991 на Семинарот за фолклор во Струга. Неговата активност била активно следе­на и од македонските јавни медиуми.

Уметничкиот директор и кореограф Џорџ Томов, пак,  е роден во Струмица на 18 март 1933 година, а починал на 5 август 2008 година во Веин, Њу Џерси, САД. Ѓорѓи (Џорџ) Томов завршил Средно техничко училиште – шумарски смер во Скопје. Во 1955 година станал член на Државниот ансамбл за народни песни и игри „Танец” од Скопје, како играч и пејач и бил активен до 1962 година. Во тој период, „Танец”, добил Златна плакета во Ланголен и важи за еден од најдобрите ансамбли, така што Ѓорѓи Томов ја искористи можноста да оди на многу гостувања: во Германија, Албанија, Франција, Италија и во Швајцарија, а повеќе пати и насекаде низ поранешна Југославија.

Во 1960 година Ѓорѓи Томов се запишува на Вишата педагошка академија во Скопје – отсек вајарство, поради изразената дарба за ликовни уметности и успешно ги завршува студиите. Во март 1963 година заминал во Париз и работел и студирал вајарство кај познатиот професор Родригез. Но, земјотресот во Скопје, во јули 1963 година, му го прекинал престојот во Париз поради потребата од помош и сместување на семејството во Скопје.

Тој продолжил да работи во Белград, во Управата за градско зеленило, а од мај 1964 година одлучил да ја прифати понудата на хрватскиот ансамбл за народни песни и игри „Ладо” од Загреб како член – играч и пејач. Од јуни 1964 до октомври 1967 година постојано е ангажиран во „Ладо” и остварува многу гостувања низ сите европски земји,  во САД и Канада.

tomov4   tomov5

Во мај 1967 година, за време на гостувањето на „Ладо” во САД, Ѓорѓи Томов одлучил да остане во Њујорк поради познанството и професионалните контакти со еден од најдобрите њујоршки менаџери за класична музика Алберт Кеј и финансиската помош која му ја понудува неговиот стар пријател Луис Симончич. Се вработил кај Алберт Кеј како негов секретар, а потоа и соработник. Тој му помогнал да направи кариера во областа на фолклорот на американско тло, уште повеќе запознавајќи ја Македонија преку сè она што му ја претставува младиот Македонец.

Во 1968 година соработувал и со Фолклорниот институт во Скопје и стручно се подготвувал да оформи свој ансамбл за народни песни и игри како единствена група за балкански фолклор во Њујорк и цела Источна Америка. Официјално, во 1974 година го оформил ансамблот под името „Томов”, со комплетна негова кореографија и оригинални народни носии, а Ѓорѓи  бил уметнички директор, кореограф и главен инструктор на ансамблот кој бил специфичен и единствен како негова идеја.

Во исто време, Ѓорѓи Томов станал коорганизатор и активен уметнички раководител на Ансамблот „Гоце Делчев” при Македонската православна црква „Свети Кирил и Методиј” од Пасаик – Њу Џерси. Исто така, станува коорганизатор на Здружението „Советот за словенското културно наследство во Америка”, каде бил претставник на Македонците и член на Управниот одбор како уметнички директор.

Од 1969 година предавал македонски и општојугословенски фолклор во поголем број универзитети и колеџи во САД и Канада (повеќе од 80). А од 1975 до 1982 година отворил и водел меѓународна школа за фолклор. Од 1984 година бил постојан предавач на македонски фолклор во Експерименталната програма на школскиот систем во државата Њујорк каде што биле вклучени деца од прво до осмо одделение. Во 1975 година го отворил своето Фолклорно студио на Петтата авенија во Њујорк, за уште поголемо популаризирање на македонскиот фолклор.

Во текот на неговата долга општествена дејност на полето на културата во новата средина, Томов беше добитник на повеќе значајни признанија и награди. Во второто издание на Маркисовиот „Кој е кој во Америка”, во делот „Кој е кој во изведувачката дејност” е вклучено и името на Ѓорѓи Томов (Џорџ Томов) како личност од посебно значење за развојот и современиот растеж на САД.

Потоа беше добитник на наградата „Ѕвезда на хармонијата” на Организацијата „Обединети нации”, на Конгресното признание на државата Њу Џерси, како и на бројни институции и асоцијации во САД и Република Македонија.

Но, се чини дека во биографијата на истакнатиот Македонец – Ѓорѓи (Џорџ) Томов со златни букви е забележана 2005 година, кога за својот  голем придонес во американското општество го добил највисокото признание во САД,  Медалот на честа „Елис Ајленд”, кој е траен симбол на емигрантските корени и различноста кои ја карактеризираат големата американска нација. Ова општествено признание за првпат беше доделено на Македонец за неговото автентично презентирање на македонската култура во САД. Меѓу досегашните добитници на Орденот на честа се шест претседатели на САД и извесен број многу познати и признати Американци.

Ансамблот „Томов”, во своето постоење имал постигнатно огромни резултати околу ширењето на македонската култура. Секоја година одржувал од 6 до 14 концерти во најпознатите светски сали: Карнеги хол и Линколн центарот во Њујорк, во Бостон, Вашингтон, Чикаго и многу други поголеми и помали градови во САД и Канада; настапувал на повеќе телевизиски станици во САД; учествувал на свеченото отворање и затворање на Зимските олимписки игри во Лејк Плесид, во 1984 година, и на специјалистичкиот концерт за свеченото отворање на островот Елис во 1990 година; има учествувано и на многу фолк-фестивали во Америка.

Најпознатите весници: „Њујорк тајмс”, „Денс магазин”, „Дејли њуз”, „Риверсајд прес”, „Денс ривју”, „Балерт њуз”, „Д΄тајмс хералд”, „Арте” и други, кои, без исклучок, уште од 1974 година давале највисоки оценки за кореографијата, беспрекорната техника на изведување и одушевувањето кое го предизвикувал ансамблот со сите изворни ора и песни од Македонија, а посебно со „Невестинското”, „Калајџиското” и други.

Во Македонија Ансамблот гостувал на сите фолклорни фестивали и пошироко на бившите југословенски простори и тоа: на „Балканскиот фестивал” во Охрид, „Илинденските денови” во Битола, „Фолклорната смотра” во Загреб, „Дубровничките летни игри” во Дубровник, „Скопско лето” во Скопје и на Семинарот за фолклор во Струга. Неговата активност била проследена во македонските  медиуми: „Нова Македонија”, „Вечер” и „Македонија” (списание за иселениците); како и повеќе интервјуа на Ѓорѓи Томов биле објавувани на Македонското радио и во многу други информативни гласила во поранешна Југославија.

Ѓорѓи Томов работел на кореографија и за други ансамбли и театарски претстави: за Ансамблот „Живели” од Колумбос, Охајо; за Ансамблот „Свадба” од Питсбург; Негова беше кореографијата на балетот за оперетата „Царојевичи” од Франц Лехар во Линколн центарот во Њујорк за „Виенската оперетска компанија од Америка”. Учествувал во кореографијата за завршните свечености за прославата на стогодишнината на Америка. Во 1995 година, во Австралија давал стручна помош на иселеничките фолклорни друштва во Сиднеј, Мелбурн, Перт…

tomov6

Георги со македонски играорци пред манастирот „Св. Ѓорѓи“

Исто така, македонскиот иселеник Ѓорѓи Томов уште во 1968, 1969 и 1970 година изработил скулптури во Њујорк – портрети и фолклорни мотиви, лиени во бронза, од кои една му била искористена како заштитен знак, а има свои дела и кај многу колекционери во САД; има две бисти – коњи поставени пред Зоолошката градина во Њујорк и на други места.

За одржување и истакнување на македонскиот национален дух во иселеништвото Ѓорѓи (Џорџ) Томов се зафатил со основање на повеќе друштва: Во 1968-1969 година во Њујорк бил еден од организаторите на „Македонското друштво”; бил коорганизатор и прв претседател на „Движењето за македонски човекови права” од 1987 до 1994 година, за државите Њујорк и Њу Џерси и цела Североисточна Америка.

Активно учествувал во сите доброволни акции за национално потврдување и признавање организирани во црковните општини во Пасаик, Њу Џерси и во Њујорк, учествувал во протестни митинзи, а испратил бројни писма и телеграми за признавање на независноста на Македонија до претседателот Буш и Џејмс Бејкер и бил и делегат на Првиот светски македонски конгрес што се одржа во Скопје, во 1992 година.

Како член на „Емигрантската културна организација на Обединетите нации” во Њујорк уште од 1985 година правел постојана поставка на „Македонска соба” во Музејот на Обединетите нации со свои оригинални македонски носии, накит и предмети за домаќинство, додека во 1991 година го вклучува Ансамблот „Гоце Делчев” при Македонската православна црква „Свети Кирил и Методиј” од Њу Џерси за првпат како претставник на Македонија како посебна нација на Етничката парада која традиционално се одржува на Шестата авенија во метрополата Њујорк.

Продолжува

KatiN 

Пишува: СЛАВЕ КАТИН

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *