Со ребалансот на буџетот во Прилеп повеќе пари за инфраструктурата

Советот на општина Прилеп денеска го усвои ребалансот на општинскиот буџет со кој градот доби повеќе пари за асфалтирање улици и за изработка на урбанистички планови во 30 населени места.

Според претседателот на Советот Миле Талески, големи се капиталните расходи што укажува дека во градот се случува градежна експанзија.

– Со ребалансот се одобрија дополнителни 55 милиони денари за реконструкција и асфалтирање на улиците во градот, како и 18 милиони денари за изработка на урбанистички планови во 30 населени места во општината. Се издвоија и средства за помош на спортските клубови, а еден милион денари  се одвоени за доизградба на црквата „Св.Наум“ и за џамијата во населбата Тризла. Она што треба да се истакне е дека капиталните расходи до овој момент изнесуваат 60 милиони денари, а заклучно со 30 септември ,тие ќе достигнат над 76 милиони денари. Тоа покажува дека во градот се случува градежна експанзија и сите оние проекти кои како локална самоуправа ги донесовме, ќе бидат реализирани, изјави Талевски.