Прв концерт на Филхармонијата во 2018-та, гостува пијанистот Даниел Харитонов

Првиот концерт на Македонската филхармонија во 2018 година, вечер од 20 часот, е насловен „Лауреати“ и ќе го води диригентот од Русија Даниел Рајскин, а како солист ќе настапи младиот виртуоз на пијаното, Даниел Харитонов.

За македонската публика Харитонов ќе го изведе популарниот и раскошен Концерт за пијано и оркестар бр. 1 од Франц Лист.

На програмата вечер се и атрактивната увертира „Карневал“ од Антонин Дворжак, како и славната Симфонија бр. 2 од Јан Сибелиус.

Пијанистот Даниел Харитонов е роден во рускиот град Јужно-Сахалинск. Неговиот талент е препознаен на 15. Меѓународен натпревар „Чајковски“ во 2015 година кога имал само 16 години.

– Тогаш, како најмлад учесник, неговата триумфална изведба ќе му ја донесе третата награда. Но, публиката ќе биде одушевена од неговиот настап и тој ќе го понесе епитетот „чудо од дете“, а ќе биде наречен и виртуоз со извонредна техника и искрена интерпретација. Ќе го именуваат и како „откритие на 15. натпревар ‘Чајковски’“ и од тогаш неговата кариера рапидно расте, настапувајќи со престижни оркестри и врвни диригенти, соопшти Филхармонијата.

Во јануари ќе има уште два симфониски концерта – на 25-ти е  концертот „Моцартовите перипетии“ со диригентот Михал Нестерович од Полска, и на 31 јануари – концертот „Апотеоза“ под диригентство на Борјан Цанев, на кој солист ќе биде црногорскиот виолинист со меѓународна кариера Роман Симовиќ.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *