Османи: Добро е што има нов предлог од медијаторот Нимиц

Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи не сака да го коментира последниот предлог што  го даде медијаторот Метју Нимиц на вчерашната средба во Њујорк со преговарачите Васко Наумоски и Адемантиос Василакис се додека не биде разгледан и не се изгради заеднички став, но нагласува дека е добро што има нов предлог за името.

– Не можам да коментирам за последниот предлог бидејќи треба да стигне во Скопје. Мислам дека во понеделник ќе имаме заедничка средба за да го разгледаме и да изградиме став. Знам колку сме посветени и одлучни да одиме до крај во решавање на ова прашање, знаејќи го контекстот и историскиот моментум пред кој се наоѓаме како држава. Добро е што има предлог и се интензивира целиот процес и што има меѓусебни  директни контакти помеѓу владите на различни нивоа. Тоа е единствен предуслов да стигнеме до ситуација да изнајдеме решение, рече Османи, одговарајќи на прашање по средбата со косовската министерка Дурата Хоџа во СЕП.

Во врска со планот 3-6-9 рече дека веќе е поделен на ниво на месеци и е утврдена агенда што треба да се реализира до крајот на месецов.

– Изминативе денови имав средба со повеќето министествата кои имаат обврски во делот на планот 3-6-9. Можам да кажам дека тоа што е дел од обврски на Владата се реализира и оди по план. Во Собранието  имаме мал предизвик, бидејќи опозицијата не учествува во работата, а ние не сакаме да наметнеме некои решенија кои се посензитивни и во услови кога имаме мнозинство да ги усвоиме. Сепак, особено за тие закони за кои е потребно двотретинско мнозинство ќе треба да се создаде политички амбиент за даможе да се усвојат, рече Османи и додаде дека е потребен национален консензус за планот 3-6-9.