Косово ќе ги користи македонските искуства за побрза интеграција во ЕУ

Косово ќе ги користи македонските искуства за побрзо интегирање во Европската унија, беше посочено на првиот состанок во Скопје на Заедничкиот комитет меѓу Република Македонија и Република Косово во рамките на Спогодбата за соработка за прашања од областа на европската интеграција на кој присуствуваа вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи и косовската министерка за европски интеграции Дурата Хоџа.

– Македонија веќе 17 години разговара и работи на имплементација на Спогодбата за стабилизација и асоцијација и има акумулирано искуство и знаење кое може да го пренесе на државите во ргионот за да се олесни нивниот пат кон ЕУ, порача вицепремиерот Османи по состанокот.

Тој нагласи дека со олеснувањето на патот кон ЕУ на државите од регионот се олеснува и нашиот, бидејќи, како што кажа, заеднички многу побрзо напредуваме.

– Како држава и регион се наоѓаме во историска година и пред историски случување. Во февруари ќе биде објавена Стратегијата за проширување на Европската унија, прва од таков вид, која дава перспектива на регионот за членство во ЕУ. Затоа е важно како земји од Западен Балкан да бидеме координирани за да биде ме дел од таа  стратегија која ќе ја утврди долгорочната перспектива на земјите. Покрај тоа, тука е и мајскиот самит во Софија на кој мора да се забетонира перспективата на земјите од Запден Балкан, рече Османи.

Нагласи дека секој од земјите треба да си го заврши својот дел од задачите преку индивидуални напори, а тој процес, како што кажа, може да се олесни преку регионална соработка. Потсети дека неодамна се сретна со албанскиот колега Бушати и додаде дека наскоро ќе има и средба со српската министерка за европски прашања.

Министерката за европски интеграции на Косово посочи дека годинава е многу значајна за сите земји од регионот и додаде дека треба да се искористи рационално.

– Местото на земјите од Западен Бакан е во ЕУ и затоа треба што повеќе да ја користиме регионалната соработка. Има многу работи кои можеме да ги преземеме од Македонија како што се преведувањето на законодавството и разни други координации, рече Хоџа.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *