Османи и Димитров утре во работна посета на Данска

Вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи и министерот за надворешни работи Никола Димитров, утре ќе престојуваат во работна посета на Данска, во чиј фокус ќе биде донесувањето на одлуката за датум за почеток на пристапните преговори со Европската унија во октомври годинава.

Во рамки на посетата, како што е најавено, предвидени се одделни средби со министерот за надворешни работи на Данска, Јепе Кофод, со главниот советник за европски прашања во Канцеларијата на данскиот премиер Вибеке Пастернак Јоргенсен, како и со други релевантни соговорници.

На средбите, како што се наведува во соопштението владиниот Сектор за односи со јавноста, вицепремиерот Османи и министерот Димитров ќе го истакнат значењето од донесувањето на одлуката за датум за почеток на пристапните преговори со Европската унија во октомври оваа година.

Детално ќе брифираат за постигнатото во реформските активности од европската агенда, за внатрешно политичките случувања, добрососедските односи, како и за состојбите во регионот, а воедно ќе бидат разменети мислења и за билатералните односи меѓу двете земји, се вели во соопштението.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *