Веднаш по ослободувањето, Љубојно прилегало на градска населба во која имаше 8 чевларски работилници, 7 дуќани за широка потрошувачка и текстил, 4 кафеани, 4 дрводелски работилници, 5 шивачки работилници, две фурни за леб, 2 месарници, 8 воденици, една ковачници, берберница и др. Во тоа време во Љубојно имало Дом на културата, киносала, парк, осумгодишно училиште, библиотека, амбуланта, матична служба, споменици посветени на Илинден и на Народноослободителната борба
Интересно е да се спомене дека во 1950 година во Љубојно се формирани два фудбалски клуба „Пелистер“ и „Слога“, кои пет години се натпреваруваа во Преспанската фудбалска лига. Шеесетите години од минатиот век се карактеристични за спортот во Љубојно со развојот на спортската дисциплина одбојка.
Така, Љубојно беше единствената селска населба во Македонија која имаше одбојкарски клуб, кој се натпреварувал во Првата македонска одбојкарска лига. Одбојкарскиот клуб „Љубојно”, се натпреварувше со елитните екипи „Вардар” од Скопје, потоа екипите од Титов Велес, Струмица, Тетово, Битола и други градови во Република Македонија.
Младите одбојкари на екипата „Љубојно“ на турнирот во Скопје во 1966 година, во силна конкуренција на јуниори, го освоија првото место, што претставуваше најголем спортски успех на љубанци. Исто така, успехот на фудбалскиот клуб „Пелистер“ кој се натпреваруваше во Битолскиот фудбалски потсојуз, постигна завидни резултати.
Дел од Љубојно
Исто така, треба да се споменат неколку спортисти во светот кои водат потекло од Љубојно, а тоа се: Пит Стојанович (Марковски), еден од најскапо платените рагби играчи во тоа време во САД и Анита Томулевска која живее во Осло, Норвешка, која била врвна европска гимнастичарка, која учествувала на гимнастичарски натпревари во Атина и Шпанија и постигнала завидни резултати.
Уште во текот на ослободителното движење во Љубојно беше воспоставено организирано живеење преку Месниот народен одбор. Активностите се проширија и се збогатија во периодот од 1950 до 1955 година кога се формира Општината Љубојно со селата од Долна Преспа: Сливница, Крани, Арвати, Штрбово, Наколец, Брајчино и Долно Дупени, чиј претседател беше Митре Марковски, а секретар беше Мијал Наумовски, двајцата од Љубојно.
Од 1955 до 1958 година љубанската општина беше припоена кон Општината Асамати, чиј претседател беше Васил Димовски од Долно Дупени. Од 1958 година Општината Љубојно ѝ припадна на Општината Ресен во чиј состав е и ден-денес, во 2019 година.
Во оваа прилика треба да се потенцира дека Љубојно и љубанци како луѓе ја покажаа и докажаа големата човечност и хуманост прифаќајќи десетици илјади Македонци од егејскиот дел на Македонија, меѓу кои најмногу деца, прогонети во виорот на Граѓанската војна во Грција.
Во тие тажни мигови, љубанци во своите можности ја искажаа својата човечка топлина и мајчинска грижа кон тие преморени, гладни и исплашени најмлади генерации. Денес, особено за Илинденските иселенички средби, бројни прогонети Македонци од своето прадедовско огниште го посетуваат Љубојно и се сеќаваат на мрачните денови на прогонот.
Штабот на југословенската армија во Љубојно
За Љубојно карактеристично е и тоа што уште во 1949 година за првпат на Полена беше прикажан филмот „Барба Жван“. Потоа, во 1957 година, земјоделската задруга „Преспа“ од Љубојно набави кинопроектор со кој сѐ до 1973 година во Задружниот дом се прикажуваа филмови за љубанци и мештаните од другите селa. Киносалата располагаше со околу 350 седишта, а филмови се прикажуваа двапати неделно, во среда и сабота.
Есента 1948 година, пак, по примерот на советските колхози и во Љубојно стаса колективизацијата. Така во пролетта 1949 година, сите 226 домаќинства со 1171 жител беа зачленети во Земјоделската задруга „Видое Смилевски“ во Љубојно. Во тие бурни времиња беа изградени шталите, во кои еден период беше отворен погон на „Преспатекст“ од Ресен и магацините во Чифлиг. Задругата успеа да се одржи уште 4 години.
Во 1953 година во Љубојно се формира новата задруга „Преспа“, која имаше свои пунктови на земјоделски производи, бакалница, продавница за вештачко ѓубриво, кланица, продавница за месо и кафеана.. Од 1975 година задругата влезе во состав на комбинатот „Преспанско јаболко“ од Ресен, а во 1992 година беше ликвидирана.
Познато е дека за жителите на Љубојно и на цела Преспа печалбарството е стара традиција и како феномен се појавило многу оддамна. Меѓутоа, миграционите процеси што ја зафатија цела Преспа во педесеттите години од минатиот современ век, не го поштедија ни убавото Љубојно, од каде што голем број семејства се преселија во други градови на Македонија, потоа во САД и Канада и Австралија, во Европската унија и некои други земји ширум светот.
Печалбарството како „стар занает“ од Македонија, а со тоа и од Љубојно помасовно започнало уште на почетокот во XIX век. Одењето на гурбет во прекуморските земји, се интензивирало пред и по Илинденското востание, меѓу двете светски војни и особено по Втората светска војна. Затоа, со право се вели дека љубанци биле едни од првите од Македонија кои свиле нови гнезда по светот и се едни од најбројните Преспанци во дијаспората.
Македонците во САД и Канада,е дело на Славе Катин, а го печатеше „Македонска искра“ – Скопје, 2002, 1-382, (на македонски и англиски), и на публикацијата „Македонски иселенички меридијани е автор Славе Катин, а е издадено од „Македонска искра“, Скопје, 2017, 1-592, (на македонски јазик).
Според податоците на Стојан Лембо во книгата „Љубојно – љубов наша“,во Љубојно живеат 96 домаќинства, или 223 жители (а најмногу – 1209 жители броело во 1953 година). Во Македонија има 125 домаќинства, во Европската унија 20, во Србија 11, потоа во САД 172, во Канада 66, во Австралија 32 и 15 домаќинства биле иселени пред Втората светска војна. Или вкупно 517 домаќинства по светот се од печалбарското Љубојно.
Продолжува
Пишува: СЛАВЕ КАТИН