Посетата на Столтенберг – најава за отворање на вратите за НАТО

Генерален секретар на НАТО по речиси четири години доаѓа во посета на Македонија. Јенс Столтенберг вечерва пристигнува во Скопје, а утре ќе има средби со највисокиот државен врв и ќе се обрати пред пратениците во македонското Собрание.

И без разлика на пораката, која што ќе ја испрати до македонските власти и граѓаните, самата негова официјална посета на земјава, во овој исклучително интензивен период на внатрешен, но и надворешно-политички план за Македонија, е порака сама по себе.

Македонија интензивирано и забрзано работи на решавање на спорот со Грција за името, кој е препрека за европската и евроатлантската интеграција. За денеска е закажана нова рунда преговори во рамки на нивното обновување по тригодишниот застој. Владата работи и на реализација на Планот 3-6-9 за спроведување на реформите, кои се потребни во насока на демократизација на земјата и воспоставување на владеењето на правото.

Столтенберг петти генерален секретар во посета на Македонија

Следниот самит на НАТО ќе се одржи во Брисел на 11 и 12 јули, а Столтенберг ја посетува земјава во период на интензивирано спроведување на реформите, обновени преговори за името, но и во период на зголемени очекувања дека Македонија конечно ќе добие можност да интегрира во најголемиот воено-политички сојуз во светот.

Прв генерален секретар, кој ја посети Македонија, беше Хавиер Солана, во 1997 година. Тој уште два пати престојуваше во официјални посети на земјава, во 1998 и 1999 година.

Џорџ Робертсон, како прв човек на Алијансата реализираше најмногу посети во земјава и тоа сите остварени во 2001 година, во екот на кризата. Прв пат ја посети во април 2001 година, оствари вкупно шест посети. Беше во земјава и на потпишувањето на Охридскиот рамковен договор на 13 август 2001, а последата посета му беше во ноември истата година.

Јап де Хоп Шефер ја посети земјава три пати, во 2007, 2008 и 2009 година.

Последен пат генерален секретар на НАТО беше во посета на Македонија во мај 2014 година. Тогаш Андерс фог Расмусен пристигна во проштална посета, при крајот на неговиот мандат и се сретна со највисокиот државен врв во земјава.

Патот на Македонија до НАТО

Собранието во 1993 година ја усвои Резолуција за влез на Македонија во НАТО, при што земјава од корисник на безбедност, за кусо време стана компатибилен партнер на Алијансата.

На 15 ноември 1995 година Македонија го потпиша Рамковниот документ за пристапување кон програмата Партнерство за мир, а тогаш бевме примени и во Северно-атлантскиот совет за соработка.

Следната година во земјава беше отворена Канцеларија за врски, а при крајот на 1997 беше отворена и Постојаната мисија на РМ во седиштето на НАТО во Брисел.

Македонија на самитот на НАТО во Вашингтон во 1999 година доби статус на кандидат за членство, со што започна со процесот на подотовката на Акционите планови за членство (Membership Action Plans).

Во моментов се работи на 18 МАП, а 17. циклус официјално заврши со состанокот на Република Македонија и Северноаталнтскиот совет во септември минатата година во Брисел.

Тогаш Владата ги ифнормира сојузниците дека одлучила да почне постепено зголемување во трошењето на одбраната со почетокот од 2018 година, а потоа и во 2019 година, со 0,2 проценти од БДП, за да се дојде до потребните критериуми за членство во НАТО. Земјите-членки би требало да издвојуваат два отсто од БДП за одбраната, нешто кон кое цели и Македонија, но како што велат од МО, само пет земји-членки го исполнуваат овој критериум.

Во моментов Македонија издвојува 1,01 отсто од БДП за одбраната. Највисоки вредности се забележани во 2006 година 2,01 и во 2007 2,15, но оттогаш процентот опаѓа и лани дојде на ниво од 0,9 отсто.

Реформите се спроведуваат во континуитет

Во декември, како што изјавија за МИА претставници на МО, беше презентирана Годишната национална програма за членство во НАТО, со што официјално почна и 18. МАП циклус.

На патот кон НАТО во политичкиот дел за земјата е актуелен статусот на земјата во рамки на МАП процесот, додека во воено-одбранбениот дел актуелен е статусот на Процесот за планирање и анализа во одбраната (ПАРП), осмислен да им се помогне на земјите партнери да ги транформираат системите на одбраната.

Во процесот НАТО изработува своја ПАРП проценка, кој е единствен документ, што го израбортува Алијансата, а го одобруваат РМ и земјите-членки на Алијансата.

Македонија уште во 1996 година се вклучи во ПАРП процесот и оттогаш досега се комплетирани речиси 11 ПАРП циклуси, а во 2018 година ќе почне и 12. циклус.

Македонија, велат извори од МО за МИА, уште во 2008 година пред самитот во Букурешт беше подготвена за влез и преку континуираното имплементирање на овој процес успеала да ја трансформира одбраната согласно барањата на НАТО и да ги исполни неопходните критериумите за членство.

Земјата, според нив во континутет ги следи реформите, кои од неа ги бара Алијансата, но сепак од други причини се уште сме на прагот, но не и во НАТО. Додаваат дека Македонија е држава со најмногу Акциони планови за членство од сите други кандидатки.

Меѓународни мисии

Преку ПАРП процесите, велат од МО е зголемена интероперативноста на АРМ, а во контекст на тоа РМ има декларирано и свои капацитети и способности за придонес во меѓународните операции на Алијансата.

Македонија од 2002 година почна да учествува во меѓународни мировни мисии, во Авганистан во 2002 година, Ирак во 2003 година, во мисијата на ЕУ во Босна и Херцеговина во 2006 година и мисијата на ОН во Либан.

Македонија во моментов учествува со персонал 44 лица во мисијата Одлучна поддршка на НАТО во Авганистан, како и со три лица во мисијата АЛТЕА во БиХ и едно лице во УНИФИЛ во Либан.

Шекеринска најави дека оваа година е планирано зголемување на учеството во мисијата во Авганистан за 20 отсто или за осум лица. Реализацијата на овој план е во тек и како што велат претставници на МО со декемвриската ротација веќе е зголемен бројот на персоналот во Авганистан, од 39 на 44 лица, а дополнителните три лица ќе бидат распоредени со следната ротација во март 2018 година.

Од регионален аспект им дава целосна логистичка поддршка на силите на КФОР на Косово преку Координативниот центар за поддршка на КФОР во Скопје.

Од 2002 година повеќе 3800 лица ротирале во мировните мисии во кои учествувале македонските сили.

Букурешт 2008 – Брисел 2018

Македонија досега најблиску до влезот во Алијансата беше на самитот во Букурешт во 2008 година. Тогаш беше повеќе од извесно дека земјата ќе добие покана за членство.

Позитивните и оптимистички реакции доаѓаа од сите страни, а Македонија беше оценета дека е целосно подготвена да ја добие поканата. Меѓутоа во последен миг Грција го употреби правото на вето и го услови влезот на Македонија со решавање на спорот за името и оттогаш десет години, иако земјата работи на реформите и исполнување на критерумите за влез во Алијансата, нема напредок во тој процес.

Според експерти во земјава обврските на Македонија до следниот самит на НАТО во јули во Брисел ќе бидат завршени, но сепак во процесот на прием на нови членки треба да се земе предвид и политичкиот контекст, односно калкулациите на останатите 29 земји-членки. Тоа е пред се поради консензуалниот принцип на одлучување во Алијансата.

Што е сменето од 2008 до 2018 година? Експертите сметаат дека е сменета геополитичката клима во светски рамки, но секако и внатрешниот амбиент во земјава, по смената на власта.

Сепак Македонија, изземајќи го политичкиот контекст на целата проблематика, согласно своите капацитети има реализирано голем дел од реформите, кои се потребни да стане членка на Алијансата, велат за МИА извори од Министерството за одбрана.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *