Сите уметници учесници на фестивалот „Охридско лето“, речиси без исклучок воодушевени од убавините на Охридското Езеро и градот, притоа користејќи ја секоја можност на прес-конференциите, на самите концерти и настапи пред публика да ги поддржат заложбите за зачувување на тие природни реткости и вредности.
Неодамна Влатко Стефановски, кој заедно со Мирослав Тадиќ настапи на роденденскиот концерт на „Охридско лето“, пред преполниот Антички театар испрати порака за потребата од заштита на езерото и крајбрежјето и зачувување на статусот на светско културно и природно богатство заштитено од УНЕСКО.
-Се приклучувам кон сите апели на луѓето со добра волја за заштита на Охридското Езеро, зато што без него нема да има ништо, ќе го нема ниту „Охридско лето“, рече пред аудиториумот Влатко Стефановски.
Слична порака синоќа од Долни Сарај испрати и нашиот уметник Дуке Бојаџиев, кој концертот го почна со композиција создадена токму за Охридското Езеро. Дури и на публиката која го преполни аудиториумот на Долни Сарај на влезот и беа делени свеќи за симболична молитва за спас на езерото.
Бојаџиев рече дека иако потекнува од Скопје, уште од дете повеќе се чувствува како дома во Охрид отколку во Скопје.
-Охрид е срцето на Македонија. Настапувањето во Охрид секогаш претставува голема возбуда за мене затоа што чувствувам некаква енергетска поврзаност со езерото, со градот, па и со луѓето бидејќи имам огромен број пријатели овде и тоа пријателства што ги негувам уште од детството…Охридското езеро станува сė позагрозено. Ги повикувам сите структури во државата да направат сė што можат, рече Бојаџиев.
И на денешниот прес свикан по повод гостувањето на Народниот театар од Истанбул на „Охридско лето“ дел од актерите и режисерот на претставата едногласни кога станува збор за неповторливата убавина на Охрид и езерото.
-Во рамки на нашиот престој тука бевме во Свети Наум и ги посетивме изворите на Црн Дрим. Во еден миг на тие околу мене ги запрашав да не сме случајно на оној свет, бидејќи се почувствував дека сум стасал во рајот, рече режисерот на претставата „Буре барут“, Јилдирај Шахинлер. Поголем дел од нивните изјави пред медиумите за убавините на Охрид и езерото издвоија и актерите Еркан Џан и Башак Гумулџинелиоглу, не криејќи ги своите импресии од неповториливата природа и пејзажот.
На Охрид и Охридското Езеро им се заканува опасност од губење на статусот на заштитено културно и природно наследство на УНЕСКО. Советот на Општина Охрид на вчерашната седница ја усвои предлог-одлуката за прогласување мораториум на градење и донесување урбанистички планови, како и легализација на објекти до донесување на Планот за управување со светскиот природно и културно наследство на Охридскиот регион, или најдоцна до 1 февруари идната година.
Very insightful piece! Its always great to see well-researched articles like this. Lets discuss further. Check out my profile!