Група од 30 студенти од Америка во изминатата една недела го реализираа Музилкиот интернационален камп во Берово. Како што информираше магистерот по музилки уметности, Ферисан Зекиров, се работи за пилот-проект, кој има за цел доближување на културите од двете земји.
-За првпат во Општина Берово се одржа пилот-проект „Музички интернационален камп“ на кој учествуваа 30 студенти од Калифорнија, Њујорк, Њу Џерси и други држави кои свиреа на различни инструменти. Се работи за „Брас“ секција со која заедно соработувавме и за два дена направивме концерт на плоштадот „Димитар Беровски“ во Берово. Концертот го реализиравме за да може да види публиката што имаме сработено. Тоа мислам дека е од огромно значење за поврзување на различни култури, македонската, ромската и американската, вели Зекиров.
За време на тридневениот престој странските музичари се интересирале најмногу за македонскиот фолклор, при што успеале да сработат четири песни од групата Малешевски мелос.
– Пред да дојдат овде студентите имаа средба со претставници од културата во град Сурдулица, а потоа како најстар оркестар го одбраа оркестарот Малешевски мелос, со што научија многу нови техники и методи кои ќе можат да ги презентираат во Америка, додава Зекиров.
Освен со студентите од Америка на поле на музиката, како што дополнува Зекиров, тој соработувал и со музичари од Франција кои секоја година доаѓаат самоиницијативно со цел да ја изучуваат македонската и ромската музика и тоа да го пренесуваат во нивната држава.
Активностите за продолжување на овие пријателства според најавите ќе продолжат и во иднина со тоа што музичари од Берово под водство на Зекиров ќе учествуваат на возвратниот музички камп наредната година.
Летниот музички камп кој се одржа во Берово е дел од проектот на Американската амбасада за зближување на младите од Америка и Македонија и новна соработка преку музиката.