ОД ПАНОНИЈА ДО ЕГЕЈ, од Академик А. Шкокљев-Дончо и Славе Катин
***************
Лапитите, како потомци на Хиперборејците, народ населен на Далечниот Север, на бреговите на Океанот, т.е. Дунав (Херодот, IV, 32 и понатаму), при својата преселба долж Морава и Вардар, ги понеле со себе и ги донеле во подножјето на Олимп и своите божества Посејдон и Аполон. Тоа го потврдуваат легендите и античките писатели. Според делфинската легенда, примарно седиште на богот Аполон бил Олимп и тесалиска Темпа.
*****************
Таонтов син бил Хемон, а неговиот син се викал Оксил, кому во младоста му било уништено едното око со стрела. Личноста на Оксил е поврзана со дорско-елинските освојувања на Пелопонез. Имено, Кога потомците на Херакле, Хераклидите, тргнале во поробување на Пелопидите на Пелопонез преку западната страна, во 1104 година пред Христа, тие во Оксил го препознале својот водач од пророштвото. Оксил покажал подготвеност да ја задоволи нивната молба, под услов Хелените (Хералидите), по освојувањето на Пелопонез, за да му ја препуштат управата над Елида, земјата на неговите предци. Негови предци биле Лапидите, кои од Тесалија се преселиле под команда на кралот Форбант. Синови на овој Форбант биле Актор и Аугија, а ќерка Проноја.
По Оксил, кралската власт во Елида ја презел неговиот син Лајас. Оксил мудро владеел со Елида, донел многу закони и ги зел во заштита Ахејците кои биле прогонувани од Хелените. Покрај тоа, ја презел грижата за светилиштето во Олимпија и ги обновил Олимписките игри.
Синот на Форбант и Хирмина, Актор, живеел во Елида со својот брат Аугија. Бил сопруг на Молиона и татко на Молионидите, двајцата близнаци Еурит и Ктеат. Биле најсилни во својата генерација. Го изгуболе животот во цветот на младоста, кога Херакле ги убил од заседа кај Клеона, каде дошле како претставници на Елида на Истманските игри. Оттогаш жителите на Елида никогаш не учествувале на овие игри.
Вториот син на Форбант, Аугија, станал крал на Елида и бил прочуен по своето богатство. Учествувал во походот на Аргонаутите во 1225 година пред Христа. Имал и најбројни крда и стада на светот, тристотини белонозни црни бикови и двестотини приплодни крави. Во неговите сточни дворишта и штали лепешките не биле чистени неколку години. Кога Еуристеј, кралот на Микена, Тиринта и Мидеја, од египетската династија Данаи, му наредил на Херакле да ги исчисти овие запуштени штали, Аугија се израдувал зашто од ѓубрето се ширеле страшни миризби и зарази, а тоа ја загрозувало земјата. Кралот Елида дури и му ветил на Херакле десет проценти од говедата, зашто не верувал дека работата ќе ја заврши за едн ден.
Кога Херакле ги исчистил шталите и дворовите, Аугија одбил да му ја даде ветената награда, тврдејќи дека бил излажан бидејќи работата не ја завршил сам, туку со речните богови со свртување на водата од блиските реки Алфеј и Пенеј. Во судирот кој избил меѓу кралот и Херакле, синот на Аугија Филеј застанал на страната на Херакле. Тогаш кралот ги протерал Херакле и неговиот син од Елида. Во тоа учествувале внуците на Аугија, Милионидите, кои подоцна Херакле ги убил од освета.
Кога по еден воен поход Херакле ја освоил Елида, го убил Аугија и неговите синови, освен Филеј кого го поставил на престолот на Елида (Паусанија, V, 3, 1 и понатаму) Меѓутоа, се раскажува дека Аугија не бил убиен и дека синот го вратил на престолот. Потоа Аугија долго владеел со Елида и умрел во длабока старост, а народот му искажувал божествени почести.
Кога Аугија го протерал синот Филеј, по судирот со Херакле, тој се населил во Дулихија, остров на Јонското Море, Таму се оженил со Тимандра која му родила син, Мегет. По враќањето во родниот крај, Филеј го зазел татковиот престол. Подоцна тој престол на Елида им го отстапил на своите браќа и се вратил на Дулихија. Учествувал во ловот на Калидонскиот вепар. Филеј бил миленик на Зевс.
Мегет во митологијата е познат како син на Филеј и внук на елидскиот крал Аугиј. Неговата мајка била Тимандра или Ктимена, ќерка на Лаерт и сестра на Одисеј, како и сестра на Елена и Клитемнестрина. Мегет ја испросил Елена и заради тоа учествувал во Тројанската војна со четириесет лаѓи. Во војната бил облечен во прекрасен оклоп, подарок на кралот Еуферт. Се споменува меѓу јунаците кои се наоѓале во дрвениот коњ и меѓу повратниците од Троја (Паусанија Х, 25, 5).
Следејќи ја лапитската генеологија на југозападна Елада, Паусанија (V,3) истакнал дека од Тоант до синот на Ендимионт, Етола, биле шест генерации. Ендимион бил крал на Елида, син на Етлиј или на Зевс и Каликин, татко на Епеј, Пеон, Етол и Еуридика. Бил прочуен ловец на кого Зевс му подарил моќ сам да си го одреди денот на својата смрт. Бидејќи не сакал да ја дели својата земја, им наредил на синовите да се натпреваруваат во трчање во Олимпија, а на победникот му го ветил кралството. Победил Епеј кој по татковата смрт станал крал на Елида. Погребен бил во Олимпија.
Во периодот на владеење на Епеј со Елида, лиѓанинот Пелоп од Мала Азија, кој ги донел Ахејците од Тесалкска Фтија, ги зазел Пиза и соседната Олимпија, одделувајќи ја од земјата на Епеј. Бидејќи Епеј немал деца, на престолот го наследил неговиот брат Етол, додека, пак, Пеон побегнал во Македонија. Етол бил оженет со ѓерката на Форбант Проноја, која ги родила синовите Плеурон и Калидон, епонимни херои на етолските градови.
Подоцна, кога Етол случајно го убил пелопонескиот крал Апид од Палантиј, тој побегнал на север во Етолија, која по него го добила името Етолија. Синот на Етол и Проноја, Плеурон, бил епонимен херој на градот Плеурон во Етолија. Се оженил со Ксантипа, ќерка на Дор, која ги родила синовите Агерон и Енеј и трите ќерки: Стеропа, Стратоника и Лаофонта. Го поседувал и светилиштето во Спарта.
Братот на Плеурон, Калидон, станал епонимен херој на истоимениот град во Етолија. Подоцна градот станал прочуен во Елада заради колективниот лов на Артемидиновиот вепар, во кој учествувале најхрабрите воини од целата земја, зашто вепарот ги унштувал жетвите, тревата и работниците. Во митологијата овој настан е познат како “Ловот на Калидонскиот вепар”, за време на каледонскиот крал Енеј. А Енеј бил првиот смртник на кој Дионис му подарил гранче винова лоза и виното го нарекол по своето име. Се раскажува дека неговиот пастир Стафил (грозје) забележал јарец како јаде едн, дотогаш непознат плод. Пастирот го набрал овој плод и бидејќи го изгмечил, добил сок. Кралот Енеј овој напиток го нарекол по своето име – ВИНО.
По бегството на Етол од Пелопонез, кралството на Енеј добило ново име, Илис или Елида, по синот на ќерката на Ендимион, Еурикида, наречен Елеј. Со ова и етнонимот на жителите од Епејци бил променет во Елејци. И додека Елеј бил крал во Елида, се собрала војската на Хелените-Дорани кои го освоиле Пелопонез во 1104 година пред Христа.
Многу потомци на Лапитите, во текот на времето, се населиле во Атика, посебно во Атина, каде староседелците биле Пелазгите. Во митолошката традиција тоа е поврзано со Етеобутадите, т.е. правите потомци на Бутадите, атинско свештеничко племе, една важна гранка од тесалиските Лапити (Томсон, 1954 г., 183).
Бутадите биле цвет на атинската аристократија, затворено, старо и конзервативно племе, со богат имот и големи привилегии. Нивни симбол бил воловската глава со рогови, зашто нивниот етноним потекнува од зборот вол, говедо, бик.
Жителите на Атика и Атина, според Херодот (I,56) воделе потекло од Пелазга и зборувале со варварски (негрчки јазик). Нивни прв крал бил Кекропс, син Ерехтеов, кој како и неговиот татко никнал од земјата како “човек-змија”, т.е. бил домородец. Во Атина тој ги изградил Ерихтеевото и Атениното светилиште, атинската тврдина Кекропија-Акропол. Жителите на Атина биле земјоделци и сточари, а нивна божица била Атена, која дошла од Либија, додека други тврдат дека стасала од Тесалија преку Беотија.
Според Томсон (1954 г., 184), кога Лапитите првпат ја населиле Атика и Атина биле опкружени со непријателски расположените Пелазги. Меѓутоа, Лапитите, со поголем степен на култура и поагресивни, брзо се наметнале како управувачи во сите сектори на животот и станале аристократски сталеж и големопоседници. Тие биле дрски и се фалеле со своето неатичко потекло, а Пелазгите ги омаловажувале како “селани” (“ton aplon gion tis gis”). Ваквото однесување и постојаните кавги, довеле до побуна на Пелазгите против владејачката непријателска аристократија на дојденците.
За кавгата на Атињаните Херодот (VIII, 55) вели: “Во тврдината (градот) се наоѓа храмот Ерихтеја, за кого се зборува дека таму го родила земјата, а во храмот се наоѓа една маслинка и кладенец со морска вода. Атињаните раскажуваат дека нив таму ги ставиле богот Посејдон и божцата Атена, како знак дека се расправале околу земјата…”. Од ова се согледува дека се работи за алегоричен приказ на односите меѓу Лапитите и Пелазгите, т.е. Посејдон и Атена.
Посејдон, како претставник на Лапитите, бил алчен за земно царство и еднаш сонил дека има право на Атика, со тоа што некогаш удрил со трозабец во Акрополот во градот Атина, каде што се создал кладенец со морска вода кој го користеле пелашките Атињани. Подоцна, во време на кралот Кекроп, божицата Атена сакала да ја преземе власта на мирен начин, садејќи маслинка покрај кладенецот. Посејдон се налутил многу и ја повикал Атена на двобој, а таа се согласила. Меѓутоа, се вмешал Зевс и го изнел настанот на јавна расправа, која била многу бурна. Во смирување на кризата голема улога одиграле Бутадите.
Според Хесиод (Фрагм. 124), Бут бил син на Посејдон. Негова ќерка била Хиподамеја која се омажила за липитскиот крал Перитоја. Во текот на нивната свадба се одиграла прочуената битка меѓу Лапитите и Кентаурите во Еолија-Тесалија. Потомците на овој Лапит, под името Бутади, се населиле во Атина и тогаш успеале да станат свештеници на Ерихтеовото светилиште на Атена-Полијаси и на Посејдон и имале голем углед. Кога настанала криза во меѓуетничките односи, Бутадите станале посредници меѓу Лапитите и Пелазгите за конфликтот да се реши на мирен и демократски начин, со гласање. Тогаш жените и мажите имале исто изборно право. Кога гласале жените, тие гласале за божицата Атена, а мажите за богот Посејдон. Победиле жените со еден глас повеќе, со што божицата го обезбедила своето владеење и името на градот-Атина.
Меѓутоа, мажите набрзо се освестиле. Им го укинале изборното право на жените, како и правото на граѓанство и го забраниле обичајот децата да го добиваат името на мајката (матријархат).
Жените во овој мит биле матријалхални Пелазги, додека, пак, мажите биле патријархални дојденци од Дунав-Лапити. Овој судир меѓу религиите (Посејдон-Атена) се совпаѓа со општествено-економските промени, со воведување на патријархатот, ослободувањето на мажите од туторство на жените и преодот од омогамија во моногамија.
***************
Продолжува
Great read! The author’s analysis was spot-on and thought-provoking. I’m looking forward to hearing what others think. Feel free to visit my profile for more discussions.