Кога се пишува и зборува за селото Штрбово, секогаш се мисли на Долно Штрбово, кое се наоѓа на десната страна на асфалтниот пат Макази-Маркова Нога. Тоа го зафаќа средишниот дел на источната страна на брегот на Големото Преспанско Езеро, во подножјето на Баба Планина
Селото Штрбово е планинско, и се издига на надморска височина од околу 900 метри, чиј атар зазема простор од околу 10 километри квадратни. Во него преовладуваат шуми, пасишта и обработливо земјиште.
Штрбово е старо христијанско село во кое секогаш живееле православни Македонци. Се претпоставува дека настанало во XV век, а можеби и порано. Тоа најпрво се споменува во Слепчевскиот кодик од 1548 година
Се пренесуваат сеќавања дека Штрбово трипати било дислоцирано. За потеклото на името на селото Штрбово постојат две преданија. Според првото предание, бегот што ја поседувал земјата бил штрб во забите, а според другото, селото го добило името од обликот на земјиштето каде било сместено.
Првата локација на селото била месноста Чешура, која подоцна во народниот говор се преобразува во Шешури. Местото каде што било првобитно селото е вдлабнатина, како чаша. Поради тоа, селото го добило името во множинска смисла, бидејќи било сместено на повеќе вдлабнатини што личеле на чаша – Чешури.
И хроничарот на ова село, м-р Јонче Филиповски, смета дека Штрбово името го добило по обликот на земјиштето, односно кога првото село настанало во штрбнатото земјиште.
Штрбово е убаво македонско село од збиен тип, со околу 70 куќи, сите новоизградени. На куќите преовладуваат белите фасади, а околу нив има овошни и други насади. Во селото се наоѓаат повеќе локалитети од археолошко значење и тоа: Грмада, Гура, Крес, Куќишта, Нивје и други.
Црквата „Св. Никола“
Во Штрбово постојат осум верски објекти и тоа: македонските православни цркви „Свети Атанас“, изградена во 1930 година, каде се и селските гробишта, потоа црквите „Свети Никола“ (во Горно Село), „Света Богородица“, изградена меѓу двете светски војни од мештанинот Гоце Мирчевски (Василевски), а обновена во 1990 година од мештанинот Јонче Диневски, иселеник во Торонто, другата црква „Света Богородица“, како и црквите „Света Петка“, „Свети Јован Крстител“ и „Свети Тома“, која се наоѓа во центарот на селото, а е изградена во 1990 година од мештанинот Бошко Филиповски.
До Втората светска војна во Штрбово немало ниту еден човек со завршено средно образование, но во слободна Македонија со вишо или високо образование се стекнале преку педесеттина штрбовчани.
Денес многу интектуалци од Штрбово се стекнале и со научни звања, магистри и доктори на науки. Од Штрбово потекнуваат д-р Владимир Филиповски, професор на Економскиот факултет во Скопје; д-р Јулија Филиповска, професор на Универзитетот во Барцелона, Шпанија, потоа м-р Јонче Филиповски и факултетски образованите штрбовчани, меѓу кои Митре Фотевски, Цветко Цветковски, Спасе Диневски, Блаже Диневски, Спасе Кирјаковски, како и иселениците Блаже, Славе и Јонче Малинајдовски во Охајо, Јонче Диневски во Торонто и други.
Посебно место му припаѓа на Никола-Коле Гроздановски, кој е и лекар и сликар роден во Штрбово, а живее во Загреб. Често за него се вели дека е уметник од Загреб, лекар од Охрид и вљубеник во Преспа. Овој познат и признат Македонец беше првиот претседател на Македонската заедница во Хрватска.
Никола Гроздановски–Коле по професија е лекар специјалист по општа медицина, меѓутоа, активно се занимава и со сликарство и е признат како мајстор за акварел, но слика и во техника на лавиран туш, молив, темпера… Тој е еден од иницијаторите за формирањето на Заедницата на Македонците во Република Хрватска и нејзин прв претседател во два мандата, подоцна и секретар, а денес потпретседател и член на Управниот одбор на Заедницата
Името и делото на д-р Никола Гроздановски (Коле Малинајдовски, како го знаат во Штрбово и Преспа) се тесно поврзани со историскиот развој на Заедницата на Македонците во Република Хрватска. Таа е формирана на 22.12.1991 година и четвртина век дејствува како етничка и национална заедница. Таа е неполитичко и непрофитно здружение на Македонците во Хрватска.
Нејзината основна дејност е чување на националниот идентитет и ентитет, негување на јазикот, фолклорот, пишаниот збор, духовното живеење и културните и природните богатства на Република Македонија, како и историските факти и вистината. Исто така, нејзината програмска одредница е да одржува тесни контакти со матичната држава и соработка со нејзините институции.
Кога се зборува за пишаниот збор, посебно место им припаѓа на економистот м-р Јонче Филиповски и поетесата Неда Василевска-Лозановска, автори родени во Штрбово кои имаат голем придонес во литературата.
Имено, Јонче Филиповски кој е роден 1935 година во Штрбово, завршил Економски факултет и магистрирал на тема „Управувањето со инвестициите во сложените стопански системи. Меѓутоа, тој е познат како автор на монографијата “Штрбово” (1998). Тој се потрудил на околу триста страници да го претстави историскиот развој на Штрбово и остави траен белег за неговото родно место и пошироко за Преспа.
Неда Василевска-Лозановска е поет кој го негува модерниот поетски сензебилитет. Нејзината поезија е исполнета со теми и мотиви за човековите судбини. Таа е поетеса која, заедно со нејзиниот сопруг Алексо Лозановски педесетина години живее во Торонто, Канада.
Монографијата „Штрбово гордост наша“ од Јонче Филиповски, е издание на Месната заедница на село Штрбово и на ДОО „Коста-Абраш-Графопак“ Охрид, 1998, 1-307, а публикацијата „Автобиографија„ од Неда Лозановска“ е значајно дело за живото и делото на авторката издадено во 2014.1-290
Таа е автор на дванаесет поетски и други дела, меѓу кои: „Молк“ (1993); „Напуштени дворови“ (1994); „Премолк“ и „Моите мисли и зборови“ (1998); „Подмамка“ (2002); „Подалеку од занесот“ (2004); „Туѓи патишта“ (2006); „Загриз во сонот“ (2008); “Бесоница”, 2009, „Ѕвездена везилка“ (2010); „Небесна ѕвезда“ и „Разделба“ (2011), како и на „Автобиографијата“ (2014) и „Меѓу двете татковини“..
„Автобиографијата“ на Неда Лозановска е животната приказна на авторката. Таа истовремено е историја на селото Штрбово, на Преспа на Македонија, а преку неа и на македонските иселеници во Канада. Во делото за нејзиниот пат, сублимирано се проектира најновата фаза на историјата на една поетеса, иселеничка која е на распетие меѓу Канада и Македонија.
Продолжува
Пишува: СЛАВЕ КАТИН