Во Делчево по осми пат ќе се одржи фестивалот на електронска музика „До Зора“

Фестивалот „До Зора“ кој во делчевското село Истевник за првпат се одржа во 2012 година, годинава го доживува своето осмо издание. Како што информираа организаторите, фестивалот годинава ќе се одржи на 3 август на добро познатата локација во село Истевник каде впрочем, како што вели еден од организаторите Димитар Димитровски, започнала и приказната за овој транс фестивал.
-Се работи за фестивал кој по осми пат се одржува по примерот на познатиот фестивал на електронска музика „Озора“. Фестивалот низ годините имаше неколку трансформации, две години се одржуваше кај локалитетот „Кула“ во село Чифлик, па имавме минатата година фестивал кој се одржа на градскиот базен во Делчево. Оваа година решивме повторно да го вратиме на старата локација во Стар Истевник, вели Димитровски.
Во рамките на овогодишниот фестивал „До Зора“ ќе има посебен кампинг-простор, штандови за храна, пијалоци, тушеви и слично за што како што додава Димитровски заинтересираните ќе можат да се информираат повеќе на социјалните мрежи.
-За гостите кои ќе дојдат од страна имаме организирано автобуски превоз, оние кои ќе кампуваат се најавени неколку вечери претходно, така што и годинава очекуваме уште една атрактивна журка, додава Димитровски.
Меѓу главните музички имиња кои ќе настапат на фестивалот се Селестиал Интелиџенс, Кецман, Ониро, Морфера и многу други кои им се познати на љубителите на електронската музика.
Фестивалот на електронска музика „До Зора“ кој ќе се одржи на 3 август оваа година, започнува во 18 часот.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *