Се уредува меморијалниот простор ,,Спомен костурница” во Неготино

Во тек се градежните активности за комплетно уредување на меморијалниот простор „Спомен-костурница“ во Неготино.
Од Службата за односи со јавноста на општината информираат дека е извршено расчистување и одбележување на теренот, а реализирани се и над 80 отсто од предвидените земјени работи.
– Целта на реализацијата на овој проект е преку реставрација на оваа јавна површина, овој простор да стане место каде што дел од слободното време во одмор, релаксација, забава и рекреација ќе можат да го поминуваат граѓаните на неготинската општина. За таа цел, ќе се изврши реконструкција на постоечките и изведување на нови скали, изградба на трим и пешачки патеки, летна сцена, фиксни клупи за седење, фонтана, а ќе се обезбеди и паркинг-простор за моторизираните граѓани, соопштија од Прес-службата.
Целиот простор ќе биде осветлен и ќе се изврши негово хортикултурно уредување. Средствата за спроведување на проектот „Валоризација на културното наследство преку доуредување на Спомен костурницата во општина Неготино“, се обезбедени од буџетот на општина Неготино и Бирото за  регионален развој при Министерството за локална самоуправа. Проектот се спроведува преку Центарот за развој на Вардарскиот плански регион.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *