Резултати од реформите за исчекор во евроинтеграциите

Бугарија ја поддржува европската перспектива и напорите на Владата на Зоран Заев, на сите институции, граѓанското општество, опозицијата да ја постигнат својата стратешка цел да ги исполнат за време на бугарското претседателство неопходните услови за добивање на покана за отпочнување на преговорите за членство во ЕУ. Тоа е можно врз база на реалниот успех во спроведување на пакетот на неодложните реформи во приоритетните области и со решавањето на отворените прашања во согласност со договорот од Пржино и препораките на Прибе.

Ова го истакна бугарскиот амбасадор во Македонија Иван Петков кој денеска пред членовите на собраниската Комисија за европски прашања ги претстави приоритетите на шестмесечното бугарско претседателство со Советот на ЕУ кое Софија го презеде од 1 јануари, годинава.

– Во овој контекст ние треба да водиме две борби на терен. Едната е стратешка, упатена кон ограничување на потенцијалните закани од надвор кои би можеле да ја дестабилизираат земјата и регионот. Втората е поврзана со неодложното спроведување на реформите преку инклузивност и оптимизиран парламентарен дијалог со учество на опозицијата. Ние сакаме јака опозиција, активна во Собранието која што ќе помогне за спроведување на реформите и вклучена во решавањето на спорните прашања кои се клучни за евроинтеграциите на земјата. Двете се меѓусебно поврзани, ако не успееме во едната борба, се што е постигнато во областа на реформите ќе пропадне и земјата ќе биде во опасност да влезе во сериозна стагнација, рече Петков.

Вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи истакна дека е добро што оваа клучна историска година за Западен Балкан со ЕУ претседава соседна држава која во своите стратешки цели ја има евроинтеграцијата на земјите од регионот. Нагласи дека не можеме да очекуваме нашите внатрешни проблеми да ги реши некој друг и оти нашите реформи треба ние самите да ги спроведеме со цел да бидат одржливи, неповратни и инклузивни.

– Јануари и февруари се месеци во кои сите ние треба да покажеме јасни резултати – Владата, Собранието, судството и тоа во процес во кој сите страни ќе бидат дел од изградбата на нашата иднина. Секој вид на опструкција на овој процес во овие одлучувачки преломни моменти претставува опструкција на нашата иднина како држава, просперитетот на нашата економија, благосостојбата на нашите граѓани и перспективата на идните генерации. Доколку во овој период не оствариме видлив напредок во нашите реформи и во нашите односи со соседите во преговорите за името, верувам дека ќе го заслужиме долгоочекуваниот датум за почеток на преговори, рече Османи.

Министерот за надворешни работи Никола Димитров истакна дека 2018 е година за Македонија во која ќе направиме се за да го фатиме европскиот воз.

– Зимата е тука, но пролетта е на прагот. Ние во регионот имаме обврска да ја направиме иднината попросперитетна и помалку драматична, дури би сакал да имаме досаден Балкан. Нашите игри не треба да бидат игри на тронови, туку игри на реформи и резултати. Позитивен натпревар за напредни општества со европска иднина. Годинава останува да бидеме ефикасни и ревносни на нашиот реформски пат да направиме се што можеме да ја решиме и големата разлика околу името со нашите соседи и партнери во Атина. Ќе направиме се што е во нашите можности со надеж дека и од другата страна приодот ќе биде сличен дека ова е една историска шанса, рече Димитров.

Според евроамбасадорот Самуел Жбогар, она што се очекува од земјава во овој период е не само усвојување и прилагодување на легислативата, туку и да се остварат видливи резултати и да се создадат видливи и неповратни промени.

– Напредокот ќе биде измерен според имплементацијата на договорот од Пржино и идните реформски приоритети, како и добрососедските односи. Собранието има клучна улога во европската агенда и во постигнување отчетност на Владата. Уште поважно е да се осигура инклузивност, рече Жбогар.

Приоритети на бугарското претседателство со ЕУ кое ќе се одвива под мотото „Обединувањето ја прави силата“ се иднината намладите, европската перспектива за земјите од Запден Балкан, сигурноста и стабилноста и способности ориуенторани кон идинината.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *