Планинарење и капење на Караниколичко езеро на 2.200 метри надморска височина на Шар Планина

Околу 140 планинари успеаја да ја поминат патеката долга речиси 15 километри од Вешала до Караниколичко езеро на 2.200 метри надморска височина на Шар Планина, а потоа и да се капат во овој живописен дел на Шар Планина. Во организација на планинарскиот клуб „Тетекс“, во неделата, од Вешала на 1.256 метри надморска височина започна искачувањето кон Караниколичко езеро долго четири часа во еден правец.

– Речиси сите што стигнаа до Караниколичко езеро посакаа и се капеа. Патеката од Вешала беше долга речиси 7,5 километри во еден правец и во летни услови кога е топло со високи температури голема е желбата за разладување и релаксирање во вода. Секако тоа планинско езеро има драстично пониска температура и од воздухот и вообичаено од другите езера. Сепак, со постепено прилагодување и адаптирање се исполни желбата за планинарење и капење на 2.200 метри надморска височина. На езерото се седеше до кај 15 часот кога се тргнува назад кон Вешала, изјави Снежана Новаковска од ПК „Тетекс“.

Во август, ПК „Тетекс“ организира искачување до врвот Кобилица на 2.528 метри надморска височина како и на Титов врв на 2.747 метри.